Интервју со Весна Витанова: Мора да се ценат сите аспекти – добриот голман е половина од резултатот!

– Може да го имате и најдобриот напаѓач на светот, доколку немате добар голман, резултатите никогаш нема да бидат како што посакувате – вели Витанова.

Веб порталот на „Слободен печат“ направи интервју со македонската голманка Весна Витанова која моментно ги брани боите на Свиѓи од Малта.

Во шампионатот клубот до последниот натпревар ќе се бори за првата позиција, своевремено во кариерата имаше настапи и во Лигата на Шампиони и незаборавните 27 одбрани против ПАОК.

Околу нејзините почетоци, за тоа колку е тешка голманската позиција, како се развива моментно женскиот фудбал, што треба да го краси човекот за да може да успее во фудбалот, односно спортот, прочитајте повеќе во продолжение…

Како и кога почнавте да трениравте фудбал, што ве инспирираше да бидете дел од најспоредната работа на светот?

– Почнав како дете во мојата родна Струмица. Прво со ракомет, а потоа и со фудбал. И тоа паралелно тренирав со машки и со женски. Фудбалот ме повлече повеќе. За малку, можеби ќе го фатев патот да станам фудбалски судија, но, ете некако повеќе се приклонив кон самата игра и станав голман.

Дали имате идол од фудбалот или воопшто спортот што ве мотивира во текот на денот, што може да значи многу и позитивно влијае на професијата?

– Да, секако. Идол ми беше Икер Касиљас (Кристијан Виери ми беше омилен напаѓач). Со него растев низ целата моја кариера. Неговиот успех ми беше синоним за успешен спортист во сите аспекти. Потоа, се појави Кристијано. И двајцата на свој оригинален начин ми ги отвараа вратите кон секојдневната мотивација. И како карактери низ приватниот живот и како карактери низ спортските патеки. Толку многу различни, а толку единствени на истата патека. Низ сите тие ликови сфатив дека различностите се мојата најважна мотивација. Мора да се ценат сите аспекти, без оглед од каде доаѓаат и како функционираат. Животот никогаш не знаеш која линија ќе ја повлече.

Тоа значи дека посветеноста и фокусот, со максимален труд и работа во професијата и надвор од неа како личност секојдневно мора да бидат на истото ниво. Само така денот може да биде успешен, а ние како ликови да останеме позитивни и секогаш на вистинското ниво.

Минатата година потпишавте за Свиѓи Јунајтед, женски прволигаш во Малта, кажете ни нешто повеќе околу клубот, самите услови на тренирање, во која лига моментно настапува, амбициите и дали има простор за напредок индивидуално и колективно на натпреварите и тренинзите?

– Минатата година, кога мојот син малку потпорасна и престанав да дојам, решив да се вратам на фудбалот, но како тренер. Влегов во менаџерскиот тим на Свиѓи Јунајтед и воопшто не погрешив. Лиценцата на УЕФА/ФИФА која ја стекнав уште пред да заминам во Барселона, во Леванте, веќе почнав да ја користам. Свиѓи беше екипа која тазе беше влезена во првата женска малтешка лига со големи амбиции. Најдобра Академија и фудбалска школа, посебно за женски фудбал во Малта. Но, со резултати, во долниот дел на табелата. Имаше една ситуација на почетокот на сезоната, кога голманката се повреди и мораше да се најде замена. На средина на сезоната многу е тешко да најдете замена, па некако се нафатив да ги „откачам копачките од ѕидот“ и јас да бидам замената додека се среди ситуацијата со голманската ситуација. И тука се случи пресвртот и враќањето меѓу стативите. Рехабилитацијата на повредената траеше повеќе, а јас тешко примав гол, скоро ниту еден. Од борба за опстанок, дојдовме во ситуација да се бориме за третата позиција на табелата. Потоа, веќе ни тренерот, ниту екипата не сакаа да ги оставам ракавиците и копачките. Едноставно ме туркаа внатре секој следен натпревар. Ете тоа така е до ден денес. Оваа сезона, прво потпишаа со мене нов договор како голман и веднаш ми ја дадоа и капитенската лента. Сега, оваа сезона сум и капитен на екипата. Знаете како е, кога еднаш ќе научиш да возиш велосипед, тоа не се заборава. Така и со голманските техники.

Инаку екипата е втора на табелата, веднаш зад шампионот Биркиркара која е исклучително силна екипа. Но, не се предаваме, ќе се бориме за првата односно втората позиција до последниот натпревар. Ја имаме најсилната и најдобро организирана фудбалска Академија во Малта. Тоа ете носи резултати, не само во женскиот фудбал, туку во сите категории, во машкиот фудбал. Тоа секако дека придонесува за развојот на целиот национален фудбал на островот. Имено тоа се гледа и во резултатите на репрезентативно ниво, кои одамна се поткренати на едно повисоко ниво. Да не заборавиме дека пред само неколку години малтешкиот фудбал беше на нивото на фудбалот во Гибралтар, Фарските острови, Лихтенштајн и Луксембург. Веќе одамна отскокнува од тоа ниво.

Кои беа вашите претходни клубови во кариерата, да ни ги споделите вашите најголеми остварувања, најдраги резултати?

– Па, ги имаше многу од Беласица преку Единство, Шќипоња,  Дрита, Кочани итн… а најголемиот успех го постигнав со „Наше Такси“. Тоа воедно се и најголемите успеси во историјата на женскиот фудбал во Македонија. Тие рекорди до ден-денес не се срушени. Победувавме во Лигата на Шампиони. Го победивме осмиот носител во групите на ЛШ, ПАОК со 1:0. На тој натпревар имав 27 одбрани и ме прогласија за играч на натпреварот. Тоа беше и најголемото изненадување во Лигата на Шампионите на УЕФА, во таа фаза. За само 2 гола разлика не влеговме во следното нокаут коло. Денес женскиот фудбал во Македонија е далеку од тие тогашни наши резултати. И мислам дека никој никогаш нема да ги сруши. Потоа, заминав во Леванте во Барселона. Таму играв скоро 3 години. И од таму преминав во Свиѓи во Малта.

Како вие ја опишувате улогата на голман, колку е таа тешка и значајна во текот на натпреварите?

– За женскиот фудбал тоа е најтешката позиција и најважната улога. Може да го имате и најдобриот напаѓач на светот, доколку немате добар голман, резултатите никогаш нема да бидат како што посакувате. Женскиот аспект во фудбалот многу зависи од голманската позиција, ако не и најмногу. А многу е јасно и зошто. Физикусот на женското тело наметнува сосем други перформанси во голманската улога, за разлика од машкиот аспект во фудбалот. Генерално жените голманки потешко скокаат, стативите изгледаат потешки за освојување. Самата конституција на женското тело, наметнува дека добриот голман е половина од резултатот. Многу повеќе отколку во машкиот фудбал. Бидејќи доколку имате лош голман, од секоја позиција и од секој шут ќе примате гол. Тука одбраната може многу помалку да помогне. Посебно кон високите шутеви дури и од далеку. Ете ви го примерот порано со македонската репрезентација. Ја имаме најдобрата фудбалерка на сите времиња од Македонија, незаменлива, спектакуларна, нашиот Лео Меси и Кристијано Роналдо во едно, нашата Наташа Андонова. Но, без високо квалитетен голман, Наташа не може да направи ништо. Сетете се порано на натпреварите со Шпанија на пример, примавме голови од секој шут. Така ќе биде и понатаму доколку не се посветува внимание на создавањето на квалитетен и високо професионализирана голманска позиција. Таа е буквално најважната позиција за добар резултат во женскиот фудбал. И секако најтешката позиција.

Исто така дојде важен историски момент, гледаме и женски судијки кои што судат големи клучни мечеви, во УЕФА Суперкуп, Ива Пројковска која судеше финале меѓу Франција и Германија (У19). Како вие моментално гледате глобално на женскиот фудбал, правата, колку тие навистина се почитуваат, и не само воопшто во спортот, туку и во сите останати сфери?

– Ива во судиската фела е исто што и Кристијано и Меси во играта. Таа е најважната алка сега во македонскиот фудбал за неговата промоција низ светот. Ретки се добрите и квалитетени судии низ светот, а УЕФА ја препозна нашата Ива токму како една од најдобрите. Имав среќа многу пати да ми суди натпревар и човек може да биде среќен кога ќе има таков квалитет на терен. Од старт знаеш  дека грешките се скоро непоимливи, дека натпреварот ќе тече во најдобар ред. Тоа за нас како фудбалери е најважно, да имаме добар и квалитетен судија. Ива чекори кон врвот, тоа веќе сите го гледаат. Но сега е моментот тоа да го искористат и во Македонија, нејзиниот успех мора да биде водич и патека за целиот фудбал таму. Таа линија мора да се искористи, да се трасира една нова патека кон квалитетот.

Глобално, женскиот фудбал е во голем прогрес. Насекаде низ Европа. Секоја година се вложува повеќе и повеќе. Светските и Европските првенства стануваат сè потрактивни. Националните лиги стануваат сè погледани. Се развива на едно високо квалитетно ниво. Тоа е прекрасно, бидејќи со тоа се развиваат и сите други аспекти во спортот воопшто. Ние жените сè повеќе ги добиваме и своите права. Почнуваме да ја уживаме и популарноста која ја имаат и мажите во спортот. Нашите натпревари се некогаш и повеќе посетени отколку во машкиот фудбал. Но, во однос на парите сè уште се големи разликите, иако и тоа се мрднува од некогашните времиња. Имате веќе земји како САД, Канада, Норвешка, Шведска каде женскиот фудбал е кренат на високо ниво, во финансиски аспект некогаш и повеќе од машкиот фудбал. Така што, ете се менуваат нештата.

-Како изгледа еден ваш обичен ден, освен фудбалот, дали рекреативно има и други спортови кои сакате да ги практикувате?

– Покрај тренинзите, најважната рекреација во текот на денот ми е трчањето со Лео. Одиме секој ден во парк и постојано вели „мамо, ајде сега да си трчкаме“ и не можеш да го запреш. Знае да истрча еден цел тренинг. А нема се уште три години. Така да, главната окупација во денот ми е тој. Мало дете, големи обврски. Со него сме откога ќе се врати од училиште (во детските паралелки) па додека не заспие. Ручек, прошетки, читање и раскажување приказни, плажа и заспивање, кое понекогаш трае и по неколку часа со книгите и играчките во кревет. Оваа фаза од животот си ги има тие потреби. Нема простор за други рекреации, освен неговите.

Според вас што треба да го краси еден спортист, во овој случај фудбалер како карактерно, особини, за да може да постигне еден врвен резултат, односно голем успех?

– Посветеност, дисциплина и работа. Многу работа. Талентот е само 20% од успехот. Сè останато е многу труд и фокусираност на професијата. Без многу работа не може да се постигне ниту еден врвен успех. Ниту еден! Тоа е примерот за секој спортист. А така се градиме и како личности. Така го формираме и својот карактер. Така стануваме подобри секојдневно во сите аспекти. И како професионалци во работата и како личности приватно.

Останува големата љубов спрема фудбалот, секако здравјето е на прво место, кои се вашите желби и цели за во 2020 година?

– Нормално, да нè служи здравјето и да бидам подобра мајка во секој поглед. Лео е приоритетот во мојот живот, па така и сите мои цели и задачи се согласно неговите. Заедно да чекориме во освојувањето и на оваа година која е пред нас, да шетаме, да запознаеме нови земји и култури и да се развиваме како карактери, сите заедно како фамилија. Тоа пред сè, а потоа и сè друго.

Што им препорачувате на помладите генерации кои што планираат во блиска или далечна иднина да се занимаваат со фудбал или други спортови?

– Времињава кои се пред нас веќе не можат да се планираат долгорочно и далекувидно. Ако порано нашите родители имале некоја визија за нас во следните 20-30 години како би се развивале, сега веќе не е така. Планетата и техничко-технолошкиот развој веќе не дозволуваат да може да се прави проекција на далечната иднина. Нештата се менуваат од минута во минута, а не пак од година во година. Единствената препорака за сите генерации, најмногу оние помладите, е да вложуваат во себе, во знаење пред сè. Тоа е најголемото богатство кое ќе им користи во иднината, каква и да е таа, со што и да се занимаваат. Знаењето е најголемата моќ и најголемата вредност и во спортот. Максимално посветено, со многу работа и концентрирано да ги освојуваат сите полиња во овој техничко-технолошки високо развиен свет, без разлика дали ќе се во полето на спортот или во полето на некоја технолошка индустрија. Иднината на спортот е веќе слеана со сиот техничко-технолошки развој. Вештачката интелигенција е базата веќе и во спортот. Затоа, знаење, тренинг, знаење, тренинг, знаење, тренинг… само тоа е иднината за освојување на високо квалитетен резултат во спортот, кој и да е.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот