Интервју со Валерија Крстева: Многу е битна довербата, желбата е успешно да го претставувам македонскиот кајак ширум светот!

-За да успеам да дојдам до првото место во нашата држава доста ми помогна тоа што имав цврста волја и карактер – вели нашата кајакарка.

„Слободен печат“ направи интервју со една од перспективните македонски кајакарки, Валерија Крстева чиј акцент е ставен на кајак на мирни води, но се натпреварува и на диви води во спуст.

Беше државен шампион во спринт на мирна вода за 2018 година, како и вицешампионка за 2019, во К2 со нејзината партнерка Сара Димитриовска беше првопласирана, како и со Памела Златарова исто така на врвот во спринт.

Се надева дека покрај успесите на домашен терен, ќе ја претставува Македонија и на меѓународен план на најдобар можен начин.

Нејзин тренер во Кајак Кану Клуб Арка-Борец од Велес е Љубомир Спасиќ кој лани беше првиот Македонец кој го освои Европскиот куп.

Кој беше вашиот главен мотив да бидете дел од кајакот?

– Мојот мотив и тоа да јас започнам со кајак пред сè е близината на живеење до Велешкото езеро Младост, каде што голем број на кајакари секојдневно ги одработуваа своите тренинзи кои беа забележани од моја страна. На прв поглед веднаш ме заинтересира овој спорт и стапив во контакт со лицето кое ги тренираше кајакарите.

На кои води најмногу сакате да тренирате?

– Претежно бидејќи тренираме на Велешко езеро мој главен акцент е ставен на кајакот на мирни води, но исто така се натпреварувам и во кајак на диви води во дисциплината спуст.

Во кој клуб тренирате, кој е вашиот тренер, кажете ни повеќе околу клубот и самите тренинзи?

– Членувам веќе трета година во Кајак Кану Клуб Арка-Борец од Велес каде што мој тренер е Љубомир Спасиќ истакнат репрезентативец и освојувач на европскиот куп во дисциплината спуст.  Во клубот членуваат околу 30 кајакари од кои 8 девојки кои секојдневно ги обавуваме тренинзите и успешно се справуваме со овие ниски температури во зимскиот подготвителен период.

Кои се вашите досегашни настапи, вашите најголеми успеси на домашен и меѓународен план?

– Со оглед дека се занимавам само 2 години со овој спорт досега не сум имала можност да се натпреварувам надвор од границите на нашата држава, но од оваа година се надевам деќа ќе ја имам таа шанса и дека ќе ја претставам нашата држава во најдобро светло.

Додека на домашните настапи можам да се пофалам со државен првак во спринт на мирна вода за 2018 и вице шампионка за 2019, во К2 заедно со мојата партнерка во 2018 Сара Димитриовска бевме првопласирани и во 2019 со Памела Златарова исто така прво пласирани во спринт настапите во кајак на мирна вода.

Што се однесува до настапите во спуст 2018 година успеав да бидам прво пласирана на Шампионатот на Македонија во две дисциплини на 3 км и 500 метри, додека во 2019 година бев избрана за спортист на град Велес во младинци.

Како изгледа еден ваш обичен ден, дали се занимавате и со други спортови?

– Покрај тоа што се занимавам со кајак исто така сакам да планинарам и трчам. Моето време кога не сум во кајак го користам за тие две активности вклучувајќи ги и активностите и домашните задачи кои ми се дадени од моите професори/ки.

Што според вас треба да го краси еден човек за да успее да дојде до победничкиот подиум, односно медалите?

– За да успеам да дојдам до првото место во нашата држава доста ми помогна тоа што имав цврста волја и карактер и секако најбитна е довербата која ја добивав од тренерот и целокупната екипа.

Какви желби имате за во 2020 година, која е вашата цел која сакате да ја остварите во иднина во кајак натпреварувањата?

– Во 2020 година би посакала пред сè да ме прати здравје и среќа, бидејќи тоа се две работи без кои не би можеле да успееме во спортот и секако да успеам да се пласирам на изборните натпревари во репрезентацијата и успешно да ја претставувам Македонија ширум светот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот