ИНТЕРВЈУ со Румена Бужаровска: Разведената жена сè уште е „распуштеница“, а самохраните мајки сами си го барале

Фото: Драган Митрески

Со популарната писателка, книжевна преведувачка и професорка Румена Бужаровска разговараме на женски теми, но само ако го исклучиме фактот дека овие женски теми се дел од општествено живеење.

Го очекуваше ли ваквиот успех на твојата книга „Мојот маж“? На што мислеше додека пишуваше?

– Не го очекував и свесно се обидувам да не проектирам успех на тоа што го правам. Не само што е контрапродуктивно и влијае лошо на процесот, туку и го забавува егото, од кое човек треба да се лиши додека работи. Како и за сите книги, односно, за сите раскази, и овде додека пишувам размислувам за тоа како логично да ги врзам дејствијата, како да ги опишам ликовите и какви зборови и реченици да употребам за да го постигнам ефектот кој сум си го зацртала кога воопшто сум го смислила расказот.

Прашува Александар Прокопиев, писател: Во своите раскази умееш да се потсмеваш, успешно и остро, со стереотипот на „вистинскиот маж“, а од друга страна, како ти лично го замислуваш својот идеален партнер?

– Мислам дека најмногу се пошегував со стереотипот на „вистинскиот маж“ во расказот „Сабота, 5 попладне“, за господинот којшто не може веќе да извршува сексуални односи со својата сопруга, па решава дека сам ќе го реши тој „проблем“ и ѝ наоѓа љубовник, кај кој ја носи секоја сабота, небаре жената е автомобил што треба да се сервисира, и нема избор за автомеханичар. Оваа приказна ми ја раскажа еден пријател со големо воодушевување, посочувајќи ми го овој „господин“ како вистински маж. Во другите раскази би рекла дека преовладуваат стереотипизации не толку на „вистински“ колку на „невистински“ мажи, а некаде и мажи кои се во конфликт со сликата за себе што патријархатот им ја наложува (како на пример „Тука сум. Не одам никаде“). Во смисла на идеален партнер – не сум човек кој идеализира, но еве, би рекла дека не смее да е шовинист по која било основа и не смее да ѝ робува на традицијата.

Од женски гледан аспект, што најмногу те плаши?

– Ме плаши можноста за уназадување на женските права на глобално ниво со јакнењето на регресивните конзервативни политички движења. Битката за родова еднаквост постигна огромни резултати во изминатиот век: за само 100 години се направени огромни поместувања во однос на женските права – земете ги за пример само правата за глас, сопственост, работничките права и правата на нашите тела како нови „придобивки“ (не се работи за придобивка, за жал, туку за нешто што е основно човеково право кое ни било одречено). Се плашам дека глобалниот конзервативен бран се стреми повторно да им ги одземе правата на жените и да ги подјарми: погледнете ги само вредностите на американскиот претседател по ова прашање, погледнете каков човек избра за уставен судија, а потоа и погледнете ги вредностите на рускиот претседател, па неодамна и на поранешниот македонскиот премиер и целата негова конзервативна влада која го отежни и усложни пристапот кон абортус, загрозувајќи ги здравјето и добросостојбата на мноштво жени. Русија моментално ја тресе скандал во кој универзитетски професор по историја уби и искасапи своја 24-годишна докторантка, по што се ослободувал од нејзиното тело фрлајќи го во река во Санкт Петерсбург, а бил фатен само кога самиот се лизнал и паднал во водата. Полицијата ја нашла главата на неговата жртва во неговиот дом – но во негова одбрана стојат многу официјални лица, како и самиот министер за култура. Во ваков свет каде фемицидот поминува не само неказнет, туку и прифатен, имаме сериозен повод за страв.

„Феминизмот не боледува, боледува секој аспект од нашето општество што не разбира дека феминизмот е борба за еднакви родови права“.

Прашува Ана Мартиноска, професорка: И со своите раскази и со своите активистички ангажмани и со „ПичПрич“ како да водите една иста, исклучително значајна битка – битка за давање на гласност на женската перспектива, за отворање на премолчените теми кои ги „болат“ жените, за рушење на родовите стереотипи и патријархални матрици. Ако мора да изберете една тема која ви се чини најважна за феминизмот денес и овде, која ни е најпотребна за оснажување на жените кај нас во овој миг, кој би бил вашиот избор?

– Од мноштвото теми кои би ги оснажиле жените многу е тешко да се избере една – но еве, ќе се осврнам на онаа која не е само битна за овдешниот простор, туку е универзална тема, а тоа е насилството врз жените, било физичко, психичко, и секако, ултимативното насилство – убиството врз жените или фемицидот. Жената не може да се чувствува, изразува и да се движи слободно ако таа се чувствува загрозена. А бројките за ова прашање на светско рамниште запрепастуваат. Неодамна беше објавена студија на Обединетите нации од која ги дознаваме податоците дека во 2017 година, повеќе од половина жени (58%) се жртви на убиство на интимен партнер или роднина – или, на дневно ниво, 137 жени низ светот умираат од насилство извршено во домот, од што произлегува дека најнесигурното место за жената е всушност нејзиниот сопствен дом. Исто така, статистиката посочува дека во текот на животот една од три жени е жртва на физичко или сексуално насилство. Поради општествената стигма и срамот со кој се жигосуваат жртвите наместо агресорите, а следствено, поради незаинтересираноста на институциите да се справат со ваквите прашања, овие случаи најчесто поминуваат непријавени и неказнети.

Од што ни боледува македонскиот феминизам денес?

– Феминизмот не боледува, боледува секој аспект од нашето општество што не разбира дека феминизмот е борба за еднакви родови права и коешто смета дека феминизмот е непотребен, агресивен, опасен или пак „модерен“.

Прашува Љубиша Николовски, новинар: Што значи да бидеш феминист во современа Македонија?

– Значи да си освестен/а за правата кои ги имаш или немаш, и да се бориш или најмалку да се застапуваш за родова еднаквост. Значи – иако уживаш поголеми привилегии и не чувствуваш дискриминација на свој грб, да бидеш свесна/свесен за тоа и да се застапуваш за оние кои ги немаат или ги немале тие можности.

Во обидот да ја дефинираме денешната состојба на женското прашање неопходно е да го разјасниме карактерот на патријархатот. Што е во карактерот на денешниот патријархат кај нас? Патријархатот не е суптилен културолошки феномен, туку грубо и насилно средство за потчинување на жените многу добро инкорпорирано во самата природа на општествениот систем, или поинаку гледаш на тоа?

– Патријархатот се огледува во сите сегменти на нашето општество, бидејќи дисфункционално коегзистира со него, но најмногу се гледа во тоа како е поставен бракот и какви се обврските на жената во семејството и во општеството. Мајчинството сè уште се смета како главната улога на жената, како единствената улога која патријархатот ѝ ја има целосно предадено: затоа е најлесно мајките да се обвинат за тоа како ги растат децата, и на крај – каков е штетниот индивидуалец (нема да заборавам колку често за криминалниот карактер на избеганиот поранешен премиер Груевски беше обвинувана неговата мајка). Разведената жена е сè уште „распуштеница“ и „разведењача“, самохраните мајки сами си го барале, а девојките што уживаат во своето тело се доживуваат како морално корумпирани. Како резултат на патријархалните притисоци и традиции, во Македонија жените поретко се впуштаат во работната сила, иако статистички се пообразовани од мажите, а и уште поретко се на раководни позиции – да не зборуваме за позиции во власта. Еве само неколку примери, а ги има насекаде околу нас.

„нема да заборавам колку често за криминалниот карактер на избеганиот поранешен премиер Груевски беше обвинувана неговата мајка“

Прашува Ана Анастасовска, новинарка: Во учебниците често децата се соочуваат со текстови и фотографии во кои е одредена улогата на жената како подредена сопруга на мажот. Според овие логики дали се чувствуваш како домаќинка, како вредна или како мрзелива сопруга?

– Не се чувствувам како ниедно од тие работи, се разбира. Згрозена сум што во 21 век вакви примитивни содржини виреат во нашите учебници, но тоа е рефлексија на две работи: на очајната состојба на нашето образование, како и на средновековниот умствен склоп на луѓето што ги пишуваат тие учебници. Би рекла, сепак, дека ваквиот умствен склоп преовладува во нашето општество: затоа тие содржини опстојуваат, затоа ги пишуваат луѓе кои имаат универзитетски дипломи, затоа не може да се каже дека феминизмот е главнотековен (мејнстрим) или пак „модерен“.

Прашува Дејан Андоновиќ, новинар: Дали феминизмот ја уби женственоста во жените?

-Што, според Вас, значи женственост? Кикотење, срамежливост, кроткост, страв од став, кревкост, предимство на физичка убавина, нељубопитност, закопување на умот? Страдање и издржливост, што би рекла Дебора Леви, „весело страдање“, социјална халуцинација од која многу жени полуделе? Ако е тоа женственост – тогаш да. Феминизмот го убива сето тоа.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот