Интервју со Небојша Јовановиќ: Секое време е добро доколку станува збор за уметност и за култура

Од 24 до 28 октомври во Скопје се одржува Фестивалот на современ грчки филм и култура. Иницијатор на одржувањето на оваа манифестација е Небојша Јовановиќ, продуцент и организатор на манифестацијата. Со него пред почетокот на фестивалот разговаравме за проектот, содржините, настаните…

Небојша Јовановиќ

Од каде инспирацијата за ваков настан и зошто токму сега? Има ли некаков специјален повод и причина?

– Инспирации и причини има многу. Можеби прва причина е недоволната комуникација помеѓу двата народа на културолошко ниво, па и во другите области на животот. Според моите сознанија, а имам доволно искуство во областа, двете култури и двата народа не се познаваат ни оддалеку доволно. Сметам дека секое време е добро време доколку станува збор за уметност и за култура, а особено доколку имаат конкретна цел како во случајов, да ја промовираат соседната култура. Еве, да се запрашаме, колку грчки писатели и книги знаеме? Колку грчки филмови сме гледале или колку филмски автори или актери познаваме, освен оние што имаат холивудска или американска кариера? А живееме едни покрај други.

Друг мотив е мојот личен животен предизвик, а тоа е да се воспостави или да се обнови комуникација и таму каде мислиме дека не е можно. Па зарем тоа не е инспиративно? И ова произлегува од мојот личен пример. Јас, на пример, бев полн со предрасуди кон грчкиот народ поради сето тоа што се случуваше во изминатите децении на политички и општествен план, а за што сме сведоци сите. Но, откога воспоставив лична и директна комуникација со голем број мои колеги во Грција, стекнав прекрасни и искрени пријателства кои се моја лична инспирација, но и поддршка за сè што правам. Запознавајќи ги луѓето и културите одблизу, ви овозможува една поинаква перспектива која е суштински различна од она што го гледате на површината; и веднаш имате друга слика, многу пошарена, многу попрецизна и многу почиста. Слика што отвора видици, отвора порти и отвора многу нови можности.

Каква е програмата на фестивалот? Кој ја правеше?

– Програмата се состои од 6 прилично нови долгометражни грчки играни и документарни филмови од последните години. Програмата ја правеа двајца грчки филмски автори, Димитрис Захос и Христос Каракепелис, и ја отсликува грчката продукција во последната декада. Програмата е доста разнолика, отсликувајќи ја тамошната општествена стварност, проблемите на обичните луѓе, а секако е и еден вид на пресек што се случува во грчката филмска продукција последните години. Годинава имаме и еден голем ексклузивитет што го најавувам за првпат овде. Тоа е специјалниот концерт на еден од најпознатите грчки музички бендови во последните години, бендот на Фоивос Деливоријас, кој ќе одржи концерт во клуб-ресторанот МКЦ. Тие имаат специјален репертоар за оваа пригода и ќе свират филмска музика од познати грчки филмови.

Имате ли омилен филм. Дали би истакнале нешто од програмата?

– Да, секако дека имам. Мене лично фаворит ми е филмот „Следна станица: Утопија“, филм што е документарен и кој ни дава многу сирова и реална слика за егзистенцијалните проблеми со кои се соочуваат голем дел од грчките граѓани. Филмот сепак праќа силни пораки и јас го препорачувам, но и сите филмови. Сепак, и концертот на бендот на Фоивос Деливоријас топло препорачувам исто така да не се пропушта. Ја поканувам публиката да ни се придружи и да го следи фестивалот од 24 до 27 октомври во киното „Милениум“ и клуб-ресторан МКЦ.

Сметате ли дека ја познавате грчката култура доволно?

– Секако дека не го сметам тоа. Ни оддалеку. Лично мислам дека тоа е еден голем универзум, кој ми е предизвик да го истражам, паралелен на нашиот. Но, мислам дека имаме и многу заедничко, кое допрва ќе треба да го истражиме и осознаваме. Мислам дека во основа имаме многу повеќе заедничко што нè зближува, отколку што нè разделува.
Инаку, во последно време сум доста присутен на повеќе настани и случувања во Грција и активно ја следам филмската сцена таму. Има повеќе интересни аспекти во филмската уметност и индустрија во Грција, кои би биле многу интересни и за нас, како што е, на пример, независната сцена на која припаѓаат доста грчки филмски автори, потоа појавата на еден стилски препознатлив оригинален авторски филмски бран, т.н. Грчки чуден бран итн.

Колку Грците знаат за нашите филмови и автори?

– Искрено, можам да кажам дека, иако можеби звучи зачудувачки, но еден голем дел од грчките филмаџии, особено од помладите генерации, се информирани за нашите филмови, но и генерално за балканската кинематографија. Мислам дека тие се доста активни и присутни на регионалните фестивали. Но, сепак ретки се можностите каде што широката публика би можела да погледне македонски филмови, освен на големите грчки фестивали каде што доаѓаат да се прикажат светски успешни филмови, па понекогаш на репертоарот се наоѓа и понекој македонски филм. Иста е ситуацијата и тука, па можеби и полоша.

Мислите ли дека ваквите настани можат да имаат улога во процесот на зближување помеѓу двата народа, па дури и понекогаш во решавање на одредени проблеми. Ја има ли културата таа моќ во денешно време?

– Не само што можат да имаат улога туку можат да имаат значајна улога. Ваквите настани се од суштинско значење. Ние не се познаваме доволно. А уметноста е еден од најубавите начини на комуникација. Имате доволно слобода и многу креативни начини да се изразите, значи многу можности. Уметноста и културата ја имаат токму таа улога, само што ние по малку ја забораваме. Денес сме затруени и оптоварени со безброј информации, многу често со манипулативни аспекти, така што можностите за запознавање одблизу се стеснети, па дури понекогаш и не постојат шанси за комуникација.
Овој фестивал е токму со таква мисија, да создава мостови, да овозможи подобро запознавање на двата народа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот