Фото Денис Дуковски (РК Вардар 1961)

Интервју со Мартин Томовски, голман на црвено-црните: Максимално ми е убаво во Вардар

Чуварот на мрежата на РК Вардар 1961 зборува за својата прва сезона со црвено-црните, за колегата Борко Ристовски, за тренерот Давид Дејвис, за настапите во ЛШ и во домашното првенство. Дојдов од Германија и не згрешив, вели Томовски

Голманот Мартин Томовски (24) дојде во Вардар на почетокот на сезонава и општа е оценката дека одлично се снајде во црвено-црниот дрес. Младиот голман на македонската репрезентација е еден од милениците на публиката, неговите досегашни настапи покажуваат дека се работи за голем потенцијал.

Томовски особено се истакна во можеби најважниот меѓународен меч на Вардар сезонава, гостинската победа над Монпеље во Лигата на шампионите, која значеше пресвртница, по резултатската криза на црвено-црните во елитното европско клупско натпреварување. По неговите 13 одбрани во тој меч, Мартин се најде во идеалниот тим на колото, уште една потврда за неговите квалитети.

Вардар сега веќе е пласиран во осминафиналето на ЛШ иако во последното коло од групната фаза в среда ќе игра со Елверум во Скопје.

* Веќе сте пласирани во осминафиналето без разлика на резултатот од мечот со Елверум. Пласман во нокаут фазата беше и целта на Вардар на почетокот на сезоната. Дали ќе си дозволите опуштање со Елверум?

– Нема да се опуштиме на мечот со Елверум. Вардар е пласиран во осминафиналето без разлика на резултатот од тој меч. Сепак, расположението во тимот е такво што нема да има опуштање. Ќе играме максимално ангажирано да го победиме Елверум и на тој начин да ја заокружиме оваа фаза од Лигата на шампионите. Што се однесува до тоа какви ни се шансите во осминафиналето (против Веспрем н.з.), се уште не би давал мислење. Има време за тоа.

* Како ја оценувате сезоната во Вардар досега, што се однесува до вашите настапи?

– Имам само позитивна оценка за мојата сезона во Вардар досега. Донекаде очекував дека ќе добивам минутажа, а тоа ми беше и целта кога дојдов во Вардар. Лично мислам дека ја оправдав довербата што ми беше дадена. Работев со двајца тренери Веселин Вујовиќ и Давид Дејвис, обајцата ми даваа доверба. Мислам дека максимално се залагав да ја искористам шансата. Екипата во која сум е супер, се чувствувам максимално убаво. Работите во клубот се така поставени што единствено на што мислиме е ракометот. Така и треба да биде. Имам впечаток дека и јас професионално се однесувам на теренот и надвор од него. Разбирам дека тоа е за мое добро и за добро на мојата екипа.

Фото Денис Дуковски (РК Вардар 1961)

*Во Вардар дојдовте од будеслигашот Лудвигсхафен. Жалите ли за Бундеслигата?

– Дефинитивно направив одличен потег што сум во Вардар. Во мојот поранешен клуб бевме со ограничени амбиции. Жал ми е што испаднавме од лигата. Во тој момент барав поголема сцена да ги покажам своите калитети, да напредувам. Вардар ми беше одлична опција. На тоа се надоврза и фактот што се вратив дома. Сето тоа беше во екот на коронавирусот, нормалниот живот беше пореметен. Се одлучив да дојдам во Скопје и не згрешив.

* Како е да се работи со Давид Дејвис, тренерот кој ја „оживеа“ екипата?

– Голем плус за Дејвис е што го познава нашиот јазик и нашиот менталитет. Во клубот имаме микс од странски играчи, но дефинитивно е добро што Дејвис го познава нашиот јазик. Новите идеи што тој ги реализира и ги спроведува очигледно даваат резултати, иако немаме доволно време за тренинзи и воигрување, поради набиениот распоред. За Дејвис имам само пофални зборови. Вистински професионалец е, максимално посветен на тоа што го работи. Верувам дека таквиот негов пристап влијае и на целата екипа да цели кон нешто големо. Тој менталитет и позитивен став придонесува во голем дел сите играчи и индивидуално и како тим да напредуваме.

* Вашиот колега меѓу стативите Борко Ристовски ве нарече еден од трите најдобри голмани во ЛШ сезонава…

– Искрено, тоа како лична сатисфакција за мене е голема работа. Сепак, најбитно е што како тим победуваме. Драго ми е што можам да бидам директно инволвиран во тоа и да придонесувам. Со Борко Ристовски имам комуникација на високо ниво. Тој е искусен, би рекол наш најдобар голман, со одлична кариера, да не ги набројувам сите клубови каде бранел. Неговото присуство и неговите совети се од големо значење за мојот развој.

* На домашната сцена општо е мислењето дека првакот ќе се бара помеѓу Вардар и Еурофарм Пелистер…

– Еурофарм Пелистер навистина ни е најсериозен противник, но не би ги потценил ни другите, како Еурофарм Пелистер 2, Охрид, Бутел кои се сериозни екипи. Од година во година се подобри. Мислам дека би било погрешно да потцениме било кого, посебно во овој дел од првенството. Секако целта ни е да ги обезбедиме титулите во првенството и во купот. А со потценување, тоа ќе оди потешко. Сите велат дека мечот Вардар – Еурофарм Пелистер ќе одлучи за првакот во македонското првенство. Но јас не мислам така. Имаме навистина густ распоред на натпревари. Ќе мораме да постигнеме максимален број победи.

Foto EPA-EFE/Mohamed Abd El Ghany / POOL

* Овој месец имате и репрезентативен предизвик, бараж двомечот со Романија за пласман на СП 2023.

– Наскоро доаѓа баражот со Романија и доколку ја минеме, следна е Чешка. Романија, би рекол, е навистина сериозна репрезентација. И тие имаат иста желба да одат понатаму како и ние. Шансите ни се, би рекол 50-50. Не треба ни да потренцирам дека максимално ќе се потрудиме да ја минеме Романија.

* Колку е значајно за вас што бевте дел од тимот на колото во ЛШ?

– Не сум бил порано во тимот на колото во Лигата на шампионите. Од гледна точка на лична сатисфакција, тоа е убаво чувство. Сепак најмногу во тој момент ме израдува што успеавме да ги изненадиме Французите. Ми беше многу драго што на гости го победивме Монпеље, а уште позадоволен бев од начинот на кој функциониравме, сите како еден. Видов многу позитивна промена. Затоа не сакам да се издвојам себеси. Помогнав во одредени моменти, но многу ми помогнаа и соиграчите.

* Ракометната кариера ја започнавте во Металург, клуб кој сега е во криза и се соочува со згаснување…

– Јас започнав во школите на Металург, потоа се развивав како голман во скопскиот тим Пролет и подоцна се вратив во Металург. Сето тоа ме профилираше како голман. Во Металург се развивав, таму првпат настапив во СЕХА лигата и во Лигата на шампионите. Металург е дел од историјата на македонскиот ракомет. Голема база играчи потекнува од Металург. Жално е што тоа се случува. Се надеам дека во клубот ќе најдат решение за проблемите, претежно финансиски. На Металург му посакувам се најдобро. Жално би било тој клуб да не опстане.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот