ИНТЕРВЈУ Марија Зарезанкова Потевска: Државата треба да се грижи за енергетиката, приватниот капитал нема интерес за подолгорочни вложувања
Покрај ставањето во погон на сите расположливи електроенергетски капацитети, во зависност од финансиските можности на државата, нужно е да се увезува електрична енергија, а штетите да се покриваат од буџетот и од добивките на претпријатијата што ја произведуваат и што управуваат со неа.
Од 1988 година, кога е пуштен во употреба Блок 3 на РЕК Битола, во земјава не е изграден ниту еден енергетски објект со сериозен капацитет. ТЕЦ Осломеј е изграден пред четириесеттина години, а обновливитe извори на енергија учествуваат со само 3 отсто во дневното производство на струја. Во земјава има и 93 мали хидроцентрали, но и на нив не можеме да сметаме во енергетската криза, бидејќи при нивната градба се запоставија еколошките стандарди, вели меѓу другото професор Марија Зарезанкова Потевска, која во 1984 година на Универзитетот во Сараево, БиХ, магистрирала на темата „Развој на електроенергетскиот систем во стопанскиот развој на Република Македонија“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Деновиве е многу aктуелна енергетската криза, па оттука и прашањето дали можевме да ја спречиме?
– Енергетската криза во Македонија се наметна како последица на низа внатрешни и надворешни неповолни фактори и влијанија. Светската енергетска криза, која се манифестира со зголемување на цените на нафтените деривати, јагленот, гасот, како последица на пандемијата, секако дека се одразува и на нашата земја. Отсуството на доволни количини електрична енергија во Европа, покрај нејзината висока цена во однос на вообичаената, како и скапиот гас, придонесуваат за дестабилизација и на нашиот енергетски систем, што се манифестира во недостиг од струја. Македонија со години е енергетски зависна од увоз, а посебно на електрична енергија, а сопственото производство од електраните и од термоцентралите не е доволно да ги задоволи потребите. Зошто досега не се инвестирало во нови електроенергетски објекти е прашање за дискусија!
Што најбрзо може да се преземе?
– Во моментов, покрај ставањето во погон на сите расположливи електроенергетски капацитети, во зависност од финансиските можности на буџетот, нужно е да се увезува струја, а штетите да се покриваат од буџетот и од добивките на претпријатијата што ја произведуваат и што управуваат со неа. Најверојатно дека и граѓаните и стопанството мора да сносат последици од овој недостиг на енергија, со тоа што би плаќале повисока цена, но тоа се разбира ќе се одрази врз растот на инфлацијата и се друго. А државата не презема многу за скротување на инфлацијата со замрзнување на цените, со користење на стоковните резерви и слично. Рестрикциите, иако не се многу популарни, ќе мора да се воведуваат. Како основна мерка останува штедењето на електрична енергија на сите полиња како од граѓаните, така и од стопанските субјекти.

Како според Ваше мислење се справуваме со овој проблем и дали дел од вината за сегашната ситуација треба да се бара во лошото менаџирање со енергетскиот сектор?
– Енергетскиот сектор непотребно се приватизираше, што доведе и до негова поделба и распарчување, до зголемување на непродуктивните трошоци. Администрацијата, а партиските вработувања, независно од стручноста, професионализмот и моралните норми, станаа секојдневие. Сите тие фактори, влијаат, меѓу другото, и за нестручно раководење, па така во зимскиот период се прават ремонти, се планира увоз на јаглен во ек на зимската сезона… Во Македонија е крајно време, личните интереси на раководителите, вршителите на јавни функции, административните службеници да се стават зад општествените, општи интереси. Кога тоа ќе се оствари, тогаш може да се зборува за добро раководење и управување со државниот имот и во интерес на целото општество.
Сѐ што имаме како енергетски капацитети го наследивме од поранешна Југославија. Зошто ниту една досегашна влада не се зафати со изградба на нови современи енергетски објекти?
– Енергетиката, транспортот, водата, комуникациите се стратешки, важни области во секоја земја и затоа тие треба да се во сопственост на државата, особено во земји каде што не се застапени доволно. Тука станува збор за два различни концепти во економската наука, концептот за државна интервенција и протекционизам и либералниот пристап за пазарот како единствен алокатор на ресурсите. Нејасно доволно и зошто, но се прифати, вториот концепт и глобализацијата. Се приватизираше буквално сѐ што можеше, вклучувајќи ги и енергетските капацитети, кои се градат долго и се скапи, особено хидроцентралите и за што нема доволен интерес кај приватниот капитал! Па, така, тие не се градеа, во минатото, со исклучок на ХЕ Козјак, а планираните хидроцентрали – Бошков мост, Чебрен, Галиште, останаа само на планови. Изградбата на ХЕ Бошков мост се стопираше од еколошките друштва. Земјава увезува над 50 отсто од потребната електрична енергија, а домашното производство не се фаворизира!
РЕК Битола се соочува со недостиг на квалитетен јаглен што е познато поодамна, но за жал не се презема ништо за надминување на состојбите, ТЕЦ Осломеј долго не произведуваше електрична енергија, ТЕЦ Неготино со години не работи, иако е изградена да ги задоволува потребите за електрична енергија кога ја нема доволно. Но, таа работи на мазут, кој мора да се увезува, а други термоцентрали не се изградија зашто се смета дека не се располага со квалитетен јаглен.
Факт е дека Македонија изгради многу малку енергетски капацитети од осамостојувањето, но прашање е и како се одржуваат постојните капацитети. Грижата за нив треба да е постојана, а ремонтите да се прават во летните месеци, кога е помала потрошувачката на електрична енергија. Истражувањата за нови наоѓалишта на јаглен се маргинализирани. И да не ја забораваме ТЕЦ Неготино. Можеби увозот на мазут е скап, но во услови на светска енергетска криза оваа термоцентрала е потребна!
Владата се обидува да ја смири состојбата, прогласи енергетска криза, негира дека ќе има рестрикции и ќе вбризга 65 милиони евра во енергетските компании. Дали се потребни некои други мерки да му се помогне на стопанството?
– Нови, повисоки цени на електричната енергија се за очекување и прашање на ден е кога ќе бидат објавени, зашто иако се високи, на населението и на стопанските субјекти им треба електрична енергија. Иако е скапа, таа треба да се увезува, а Македонија е една од најсиромашните земји во Европа. Се разбира дека тоа сите ќе го плаќаат, и граѓаните и стопанските субјекти. Во криза секогаш најмногу страдаат најсиромашните и беспомошните. Македонија не е исклучок!
Малите хидроцентрали за многумина се тотално промашен проект. Каков е Вашиот став за овие објекти?
– Проектот за изградба на мали хидроцентрали е поодамна осмислен и прифатен од македонските власти, со цел одделни населени места да си ги задоволуваат своите потреби од електрична енергија. Тие се замислени како мали извори за производство на електрична енергија од локалното население, ползувајќи го блискиот извор на вода, како потоците и реките, со што рационално би се користел водниот потенцијал.
Но, при нивната изградба се запоставија еколошките стандарди, така што многу од нив направија големи штети на околината и затоа се смета дека малите хидроцентрали не се многу корисни, што е погрешен пристап.


