Андреј Лепавцов/ Фотографија: приватна архива

ИНТЕРВЈУ| Андреј Лепавцов, претседател на Инженерската институција на Македонија: Мора да се направи стратегија за привлекување студенти на техничките факултети

Доколку еден параметар не е на потребното ниво за имплементација, неминовно следува застој во реализацијата на проектот. Најчесто станува збор за човечки фактор, што во услови на недоволен број квалитетен технички кадар, дополнително ја забавува реализацијата на нашите инфраструктурни проекти

Нашите компании градеа патишта, мостови низ цел свет, а сега тоа не можеме да си го направиме дома. Проблемот е во драстично намалениот капацитет на македонските градежни фирми, кои изгубија огромен дел од човечкиот капитал, во процесот на транзицијата, но и во немањето визија за развој и едукација во насока на инвестирање во модерни технологии на градење и технички процедури, оценува Андреј Лепавцов, претседател на Инженерската институција на Македонија и наш поранешен амбасадор во ЕУ во интервјуто за „Слободен печат“. Сепак, тој посочува дека „македонските инженери граделе, градат и ќе градат во иднина“.
– Градежниот бизнис е мултинационален, а нашите градежни компании се потпрени исклучиво на домашниот пазар, кој пак е доминиран од странски градежни фирми. За жал, тоа не е формула на развој – вели Лепавцов.

Голем проблем при реализацијата на капиталните проекти, гледаме дека е самиот процес – од планирање, проектирање, до надзор. Дали е проблем во институциите, во кадарот, или во нешто трето?

– При секакви услови, патот од идеја до реализација на еден капитален проект е долг и бара мултидисциплинарен пристап. Најпрво, за реализација на еден проект, најважни фактори се нивото на изработка на техничката документација, која мора да е на беспрекорно ниво, и издржаноста на финансиската конструкција. Потоа следува фазата на имплементација, во која се вклучени државните органи, локалните власти и самите изведувачи и надзорни органи. Доколку еден од овие параметри не е на потребното ниво за имплементација, неминовно следува застој во реализацијата на проектот. Најчесто станува збор за човечки фактор, што во услови на недоволен број квалитетен технички кадар, дополнително ја забавува реализацијата.

Кога професорски би ги оцениле поновите инфраструктурни проекти, како, на пример, автопатот кон Грција, каква оценка би дале?

– Перцепцијата што ја имате за овој дел од патниот Коридор 10, поточно делницата Демир Капија – Смоквица, се темели на повисокото ниво на сигнализација, како и добрата состојба на коловозната конструкција. Во Македонија има и други автопатски делници во добра кондиција, но од исклучителна важност е рехабилитациите да се прават во проектниот период, но и нивото на сигнализација и заштитна опрема да се подигне на повисоко рамниште. За таа цел, на патниот Коридор 10, наскоро ќе почне реализацијата на ИТС (Intelligent Transport System), што претставува динамичка алатка од информативен и комуникациски карактер, што ќе го мониторира сообраќајот и неговиот тек, ќе известува за временските состојби и за сообраќајни незгоди, со што на Коридорот 10 значително ќе биде подигнато нивото на безбедност.

Според Вас, гледано отстрана, но со стручно око, што се случи со автопатот Кичево – Охрид?

– Со сигурност не би можел да ги дефинирам точните причини на предолгата градба на автопатската делница Кичево – Охрид, но голем дел од застојот е од недостатоците на самиот проект и ревизијата. Исто така, теренот е тежок, косините се високи, тунелот Пресека беше предизвик, но сето тоа се надминува со добра организација и предвидена динамика на градбата. Добро е што сега сите овие проблеми се надминати, две делници беа неодамна пуштени во сообраќај, и генерално градбата добро напредува, со реална намера зададениот рок за завршување да се испочитува.

 Владата најавува, а и на терен се случува еден поголем инвестициски циклус во инфраструктурни проекти. Колку се вклучени нашите инженери?

– Се согласувам со Вашата констатација. Инженерскиот кадар што се продуцира во Македонија е на добро ниво, и самиот забрзан инвестициски циклус, особено во инфраструктурата, им дава шанса веднаш да се вклучат во изведбата, и притоа релативно брзо да стекнат искуство, кое ќе може да го надградуваат во подоцнежните години од нивната кариера. Генерално, најголем дел од инженерскиот кадар, особено во градежништвото, е вклучен во тековните инвестициски проекти.

Дали младите покажуваат интерес за инженерските професии и дали кога ќе завршат остануваат да работат тука или си заминуваат во странство?

– Младите покажуваат интерес за инженерските професии, особено за професиите поврзани со информациските технологии. Неодамна присуствував на промоцијата на младите инженери и магистранти на Електротехничкиот факултет, и притоа беа промовирани околу 250 инженери, што е задоволителна бројка. За жал, на градежните науки не е таква ситуацијата и бројот е во константен пад. Секој факултет, а и Министерството за образование, мора да разработат стратегија како да се зголемува интересот за студирање на техничките факултети. Општествено одговорните фирми треба да помогнат со повеќе стипендии и можности за вработување веднаш по завршувањето на судиите, со плати што се достојни за младите инженери. Задача на државата е да го поттикнува претприемничкиот дух, со посебни програми и поедноставување на водењето бизнис во сите сфери. Во Инженерската институција на Македонија имаме два клуба, Клуб на млади инженери и Клуб на добитници на инженерски прстен. Ние секојдневно работиме со нив и ги поттикнуваме во заедничката цел – промоција на инженерската професија, со цел да придонесат во развојот на нашата држава.

Во Асоцијацијата каде што сте претседател, буквално се здруженијата на сите видови инженери. Кои од нив сметаат дека се најзагрозени во однос на бројноста и перспективата?

– Инженерската институција на Македонија е составена од 18 професионални асоцијации, од сите инженерски професии, и слободно можам да кажам дека активно ја промовираат својата работа во стручните кругови. Сите релевантни и кредибилни инженери се дел од нашата Асоцијација, која има и долга традиција на акумулирано знаење од нашите претходни генерации. Логично е најзагрижени да бидат оние асоцијации, каде што на сродните факултети има сè помал број студенти. Затоа наша примарна активност станува работата со младите инженери, помагајќи им во нивниот личен и професионален развој.

Да се прави интервју со Вас, со оглед на Вашето искуство во нашиот пат кон ЕУ, не може а да не прашаме: До каде стигнавме на тој пат? Кои сигнали Вие ги читате од Брисел?

– Проширувањето на Европската Унија е високо на агендата во европските институции, по руската агресија на Украина. Претходната криза со нелегалниот влез на милиони мигранти во ЕУ, исто така го актуелизираше интересот кон процесот на проширувањето, од безбедносни причини. За тие што сакаат посилна и побезбедна Европска Унија, не треба проширувањето како процес да го гледаат позитивно само кога има состојба на криза на европската почва, туку како потреба за градење една Европска Унија која се зголемува, која е отпорна на сите предизвици, побогата и побезбедна. Затоа често потсетуваме дека проширувањето е најуспешната политика на Европската Унија, а за да остане тоа и понатаму така, потребна е конечна политичка одлука заснована на исполнување на Копенхашките критериуми и елиминирање на трендот на билатерализацијата на процесот на пристапување кон ЕУ.

Водните ресурси не треба да ни бидат управувани од странци

Македонија има солидна мрежа на хидротехнички објекти, кои се важен дел од критичната инфраструктура на државата. Водата и енергијата се клучни ресурси за развој и стабилност на државата. За високата брана Чебрен – Галиште многу се дискутираше во стручните кругови во последните неколку децении, но не се пристапи кон нејзина изградба. Најавите за повторно актуелизирање на изградбата на овој објект се за поздравување, особено ако инвестицијата е од државата, а не од странски концесионер, укажува Лепавцов.

– Водните ресурси не треба да бидат управувани од странски фактор, особено не од соседна држава, имајќи ја предвид сложеноста на водното право и трансграничното управување со водите, каде што имаме лошо искуство. Ова особено е важно во услови на климатски промени, неповолна хидрологија и континуирани проблеми со полнењето на вештачките акумулации во последните две децении.
Покрај енергетската безбедност и поддршката на зелената енергија, Македонија мора да обезбеди и резерви на вода за населението за следните децении. Браната Чебрен – Галиште би бил капитален објект и за таа намена. Жално е што и пред десетина години се напушти проектот за браната Луково Поле, со готов изведбен проект и обезбедено финансирање, и можеби треба да се навратиме на тој проект.
И, да, нашите инженери можат да ја реализираат оваа инвестиција, а и не е срамота да се побара и стручно мислење однадвор. И не само во реализација на нови гринфилд проекти кои што се секако приоритет, нашите инженери во ништо не заостануваат зад своите колеги од другите земји. Кај нас се применуваат најновите иновативни технологии и во други области во енергетиката, како, на пример, паметни решенија во дистрибутивна мрежа, прецизно отчитување на броилата и слично – вели Лепавцов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот