Инфлацијата забави во Еврозоната – минатиот месец заврши на 2,1 процент
Годишната инфлација во Еврозоната се намали од септемвриските 2,2 проценти на 2,1 процент во октомври, во согласност со претходната прелиминарна проценка, објави денес Евростат. Во услужниот сектор на Еврозоната, во октомври е забележана инфлација од 3,4 проценти на годишно ниво, што претставува забрзување во споредба со септемвриските 3,2 проценти.
Препорачано
Цените на храната, алкохолот и тутунот пораснаа за 2,5 проценти на годишно ниво, со побавно темпо од септемвриските три проценти, а цените на индустриските стоки освен енергијата пораснаа за 0,6 проценти, во споредба со зголемувањето од 0,8 проценти во септември. Покрај тоа, цените на енергијата во Еврозоната се намалија за 0,9 проценти на годишно ниво, со значително побрзо темпо отколку во септември, кога беше регистриран годишен пад од 0,4 проценти. Во Германија, годишната инфлација во октомври, мерена според хармонизираниот индекс на потрошувачки цени (HICP), се забави на 2,3 проценти, во Италија на 1,3 проценти, а во Франција на 0,8 проценти, додека во Шпанија се искачи на 3,2 проценти.
Највисока инфлација е забележана во Романија 8,4 проценти, Естонија 4,5 проценти и Латвија 4,3, додека најниска е во Кипар, само 0,2 проценти, според веб-страницата на Евростат.


