Архивско фото: Слободен печат

ИЈЗ: Јавното здравје значи чиста вода, вакцинација, навремен скрининг и луѓе што живеат подолго и подобро

Избери докази и верувај во факти. Науката дава резултати кога знаењето се применува во пракса. Над 150 милиони животи се спасени со вакцинација од 1974 година. Јавното здравје значи вакцинација, чиста вода, навремен скрининг и милиони луѓе кои живеат подолго и подобро, соопштуваат од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), по повод Светскиот ден на здравјето.

Денот на здравјето, кој традиционално се одбележува на 7 април, во 2026 година испраќа порака и повик за поддршка на науката. Во тој контекст, овогодишната тема, дефинирана од Светската здравствена организација (СЗО), гласи: „Заедно за здравје. Бидете на страната на науката“, со што се истакнува значењето на научната соработка во заштитата на здравјето и одржливоста на екосистемите.

„Имено, фокусот е ставен на концептот ‘Едно здравје’ (One Health) – интегриран пристап кој ја нагласува тесната поврзаност помеѓу луѓето, животните, растенијата и планетата, укажувајќи дека здравјето произлегува од сложени и меѓусебно зависни системи. Иницијативата ја обединува глобалната заедница околу клучната порака дека здравјето не може да се заштити без наука, соработка и одлуки темелени на докази, Во таа насока, СЗО ги повикува владите, научниците, здравствените работници, партнерите и пошироката јавност да бидат на страната на науката преку користење и почитување на докази, факти и научно засновани насоки за заштита на здравјето, да ја обноват довербата во науката и јавното здравје и да поддржат научно засновани решенија за поздрава иднина“, велат од Институтот.

Извор: ИЈЗ

Како што објаснуваат, концептот „Едно здравје“ подразбира подобра превенција на болести, поефикасна подготвеност и одговор, подобро управување со здравствените ризици за посигурна и одржлива иднина. Тој се применува на сите нивоа, од локално до глобално, а се темели на координација, споделување информации и заедничко дејствување.

„Во нашата држава, ваквиот интегриран пристап е од особена важност. Земјата се соочува со значајни јавно-здравствени предизвици поврзани со факторите на ризик, како што се нездравите животни навики, загадувањето на воздухот и водите, што ја нагласуваат поврзаноста помеѓу здравјето и животната средина. Преку активностите на јавно-здравствениот систем, меѓу кои и националните програми за имунизација, скрининг и здравствена промоција, се прават континуирани напори за подобрување на здравјето на населението. Податоците што се обезбедуваат во системот на евиденции во здравството и анализите на овие податоци во Институтот за јавно здравје и центрите за јавно здравје, претставуваат добра основа за донесување информирани одлуки и креирање политики, при што континуираното јакнење на довербата во препораките засновани на науката е клучно за постигнување одржливи резултати“, посочуваат од ИЈЗ.

Дополнуваат дека здравјето на луѓето, животните и екосистемите е нераскинливо поврзано. На глобално ниво, велат оттаму, заразните болести што се појавуваат во последните години, во околу 60% од случаите, потекнуваат од животни.

„Урбанизацијата, климатските промени и деградацијата на екосистемите создаваат нови ризици за нивно ширење. Ова јасно укажува дека предизвиците поврзани со здравјето на луѓето не можат да се решат изолирано, туку бараат координиран, мултисекторски пристап кој ги поврзува здравството, ветеринарството, екологијата, земјоделството и другите области“, нагласува ИЈЗ.

Според Институтот, токму науката игра централна улога во овој процес.

„Таа овозможува рано откривање и следење на болести, потоа развој на вакцини и терапии, подобрување на безбедноста на храната, заштита на животната средина, како и справување со антимикробната резистенција“, стои во соопштението.

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Д-р Станоевска: Треба да се смени начинот на вакцинација, за поздраво население во иднина

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот