ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Д-р Станоевска: Треба да се смени начинот на вакцинација, за поздраво население во иднина
Гледам по медиумите пишутваат дека се очекува пикот на грипот, јас не го очeкувам, според состојбата во нашата амбуланта веќе помина – вели докторката.
Оваа сезона имаме драматично поголема бројка на заболени од грип од очекуваното, вели за „Слободен печат“ д-р Анкица Станоевска, специјалист по семејна медицина. Таа додава дека на почетокот како пациенти доминирале децата.
Препорачано
Според неа, за поздрава популација коренот лежи и во тоа дека треба да се почне на посериозно ниво да се работи на едукација на здравствената култура кај населението.
– Најдобрата превенција за заштита од грипот и вирусите е да се избегнува контакт со заболено лице. Тоа значи дека самосвеста овде игра клчучна улога, тој што е болен треба да се самоизолира, да не излегува од дома, а доколку е принуден задолжително да носи маска. На пример, ако некој не може да отсуствува од работа, а има благи симптоми потребно е да ги зашити колегите – вели д-р Станоевска.
Носењето маска на лицето беше нормално за време на пандемијата, но оваа пракса кога некој е настинат, болен, кашла е речиси незабележитална кај нас за разлика од светот каде е нормално да сретенете и среде лето човек со маска, доколку е насинат.
– Културата на носење маски кај нас е на ниско ниво – поентира нашата соговорничка.
Д-р Станоевска забележува дека повозрасните пациенти кои редовно се вакцинираат, на нејзина радост, ги нема во сезоната на грип. Додава дека за поздраво население во иднина можеби треба да се смени начинот на вакцинација.
– Во развиените земји не се чека на самосвеста за вакцинација кај населението, туку се прави имунизација на колективите, градинките, исто така трудниците не смеат да влезат во породилиште ако не се вакцинирани итн. Со оглед на агресивното однесување на вирусите од година в година, зголемениот број на пациенти од сезона во сезона можеби треба да се почне да се размислува за промена на начинот на превенција како во светот – рече таа.
Д-р Станоевска не го очекува пикот на грипот.
– Гледам по медиумите пишутваат дека се очекува пикот на грипот, јас не го очeкувам, според состојбата во нашата амбуланта веќе помина – вели докторката.
Погледнете го целиот разговор со д-р Анкица Станоевска достапен на јутјуб каналот на „Слободен печат“.
Зимава тројца луѓе починаа од грип, сите повозразни и со хронични заболувања. Сите тројца не биле вакцинирани против сезонски грип. Според последниот извештај на ИЈЗ, во третата недела од годинава се пријавени 2.062 случаи, 46 отсто повеќе од лани.


