Игротеките бараат финансиска помош од Владата и датум за повторно отворање

Финансиска помош за обезбедување средства за хигиена, пролонгирање на поддршката од 14.500 денари и во јуни или разгледување на можноста за еднократна финансиска помош за наредниот месец, како и најавување датум за повторно отворање, бараат игротеките од Владата.

Тие денеска на прес-конференција се пожалија дека поради коронавирусот не работат веќе 80 дена, па имаат проблеми не само со обезбедувањето плати, туку и со плаќањето на сметките и кириите. Сепак, отпуштања во дејноста засега нема.

Игротеките не се против да направат скрининзи ако така одлучи Комисијата за здравство, но и за тоа, велат, се потребни пари.

– Платите се проблем, сметките за струја, комуналии и телефон се проблем, кириите се проблем. Нема игротека што не е во загуба од пандемијата. Поголемите веројатно имаат поголеми загуби, а помалите помали. Вработените се на работните места, а секоја компанија има до максимум десет вработени, не повеќе, рече претседателот на Групацијата на забавни и рекреативни дејности при Сојузот на стопански комори, Трајко Николовски.

Тој  укажа и на неопходноста од дополнителни разговори со надлжените за прецизно да биде утврден протоколот на работа и превентивните мерки за повторно отворање на игротеките што е најдобро да биде на истот датум кога ќе се отворат и установите за згрижување деца.

– Во Групацијата членуваат пред сé микро и мали компании кои со донесената уредба на Владата за превенција од КОВИД-19, трет месец не ја вршат својата дејност. Работата им е намалена за сто проценти и не остваруваат никаков промет. Во секторот припаѓаат забавни и рекреативни дејности како игротеки за деца, но и голем број поврзани дејности, како приватни установи за грижа на деца и нивна едукација, дејности од прехранбената и услужната индустрија, истакна Николовски.

Објаснувајќи ја потребата од владина помош за која изрази уверување и дека ќе биде одобрена, Николовски потенцира дека е исклучително важно не само за вработените во игротеките, туку и за родителите и за децата, хигиената да биде на највисоко ниво. Родителите, нагласи Николовски, треба да знаат дека ќе игротеките ќе обезбедат услови за децата да бидат на сигурно, чисто, дезинфицирано – на место кое не е извор на зараза.

– За таа цел потребна е одредена помош од Владата со која би се  обезбедиле средства неопходни за превенција и заштита, при работа во нашата дејност. За задржување на работните места и дејноста да може да опстои, потребно е мерката за финансиска помош во висина од 14.500 денари да важи и за месец јуни или да се разгледа можноста за еднократна финансиска помош за наредниот месец. Потребно е да биде најавен и датум за повторно отворање на игротеките со оглед дека голем број прослави се одложени, рече претседателот на Групацијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот