Хајди Клум за нејзината дијагноза: „Тоа е мојата супермоќ, а не пореметување“
Позната како едно од најпрепознатливите лица на светските модни писти и телевизиските екрани, Хајди Клум е навикната на динамичен и исполнет распоред. Додека многумина би се почувствувале преоптоварени од истовремено усогласување на мајчинството, манекенската кариера, водењето телевизиски емисии и организацијата на нејзините веќе легендарни забави за Ноќта на вештерките, Клум откри што ѝ помага да успева во сето тоа.
Препорачано
Во ново интервју за германското издание на списанието „Гламур“, таа откри дека дијагнозата на нарушување на вниманието со хиперактивност (ADHD) всушност ѝ го олеснува животот, наместо да ѝ создава пречки.
Во разговор по повод 25-годишнината на списанието, Клум беше замолена да открие нешто што јавноста можеби не го знае за неа. Таа одговори:
„Имам една форма на нарушување на вниманието со хиперактивност.“
Ова нарушување значи дека мозокот функционира поинаку отколку кај повеќето луѓе. Може да се манифестира на различни начини, а кај некои луѓе предизвикува тешкотии со концентрацијата и мирното седење.
Клум објасни дека на оваа состојба гледа позитивно.
„На ова нарушување гледам како на нешто што ми овозможува да правам повеќе работи истовремено. Тоа е мојата супермоќ“, изјави таа. „Поради тоа сум многу хиперактивна и можам истовремено да работам на многу различни проекти.“
Таа додаде дека често работи на повеќе задачи во исто време и постојано презема нови проекти. Токму ваквото темпо постојано ја одржува активна и зафатена, но, како што вели самата, тоа воопшто не ѝ пречи.
„Јас сум вистински работохолик и сакам да имам контрола врз работите“, изјави таа во едно интервју минатото лето. „Бев целосно фокусирана на емисиите што ги водев и на тоа сè што произлегува од нив да изгледа добро. Навистина ја сакам својата работа.“
Знаци и симптоми кај возрасни
Според британската национална здравствена служба, симптомите на ова нарушување најчесто вклучуваат невнимание, хиперактивност и импулсивност.
Невниманието може да се манифестира преку лесно одвлекување на вниманието, заборавање, тешкотии во организирањето на времето, проблеми со следење упатства или завршување задачи, како и често губење предмети како паричник, мобилен телефон или клучеви.
Хиперактивноста и импулсивноста може да се покажат преку вишок енергија, чувство на немир, прекумерна зборливост, прекинување други во разговор или носење брзи одлуки без размислување за последиците.
Кај повеќето луѓе се појавува комбинација од повеќе симптоми, иако кај некои може да доминира само една група. Симптомите најчесто се јавуваат пред 12-годишна возраст, но понекогаш долго време остануваат непрепознаени, особено кај жените.
Како се контролира состојбата
Ова нарушување не може целосно да се излекува, но со соодветен пристап може успешно да се контролира за симптомите да не влијаат премногу врз секојдневниот живот.
Третманот може да вклучува лекови, промени во животниот стил, редовна физичка активност, здрава исхрана и добра хигиена на спиењето.
Бидејќи состојбата може да влијае врз функционирањето на работа, на факултет или на училиште, често се воведуваат и различни форми на поддршка, како прилагоден работен простор во помирна средина, писмени упатства покрај усните или помош при планирање и организирање на задачите.


