Јутјуб - Фото: pexels-freestocks

„Гугл“ ги откри бројките: „Јутјуб“ остварил приход од 60 милијарди долари во 2025 година

Компанијата „Гугл“ соопшти дека „Јутјуб“ во 2025 година остварил приход поголем од 60 милијарди долари, истакнувајќи дека постојана цел на платформата останува зголемувањето на бројот на претплатници, пренесува „Би-би-си“.

Оваа сума, која е збир од парите генерирани преку реклами и платените претплати, далеку го надминува приходот на најголемиот стриминг ривал, „Нетфликс“, кој изнесува 45 милијарди долари. Ова е првпат Гугл поединечно да го истакне годишниот приход на својата видео платформа откако ја купи во 2006 година.

Иако глобалните приходи од реклами на „Јутјуб“ во последните три месеци од 2025 година паднаа под очекувањата на Волстрит (на 11,38 милијарди долари), шефот на Гугл, Сундар Пичаи, го истакна широкиот раст на „Јутјуб“ како дел од „фантастичната година“ за компанијата.

Тој нагласи дека „Јутјуб премиум“ – услугата која на корисниците им овозможува плаќање за отстранување на рекламите – помогнала бројот на претплатници да се искачи на повеќе од 325 милиони во 2025 година. Иако компанијата не го објави точниот вкупен број на сите видови претплатници, главниот деловен директор Филип Шиндлер на состанокот со инвеститорите изјави дека „Јутјуб“ бележи „силен пораст“ во овој сегмент.

Компанијата активно бара нови начини да ги привлече луѓето кон претплатите, како што е воведувањето на ексклузивни опции само за премиум- корисниците (на пример, репродукција на видеа во позадина на телефоните).

Истовремено, за Shorts – кратките видео записи во стилот на „Тикток“ – се наведува дека во просек имаат повеќе од 200 милијарди прегледи дневно.

Кога минатата година го прослави својот 20-ти роденден, „Јутјуб“ порасна во втората најгледана медиумска услуга во Велика Британија. Платформата ја користат дури 94 отсто од возрасните корисници на интернет во оваа земја, а времето поминато на неа пораснало на просечни 51 минута дневно по лице.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот