Грчевски: Ќе го дадеме максимумот за влез во групите на Лига Европа
Македонскиот ракометен клуб Бутел Скопје во вторник (27 септември) со почеток од 18.45 часот во Австрија ќе го игра првиот натпревар од второто квалификациско коло на Лига Европа против екипата на Алпла Хард.
Препорачано
Нашиот претставник пристигна во австрискиот град Хард, а тренерот Кристијан Грчевски на располагање има вкупно 18 ракометари.
По вечерашниот тренинг ќе се знае кои играчи ќе бидат во составот со кој утре ќе излезе на теренот.
Првите 60 минути од овој двомеч ќе ги судат Свавар Петурсон и Сигурдур Трастарсон од Исланд, а ЕХФ делегат е Петр Новак од Чешка.
– Одиме да играме ракомет и ќе пробаме да дојдеме до поволен резултат за реваншот да биде неизвесен. Успеаме да ги анализираме дуелите со Еурофарм Пелистер 2, но сепак сме спремни и на некои изненадувања. Најсилен нивен адут е брзиот проток на топка, имаат искусни играчи и знаат точно што ќе играат. Ќе го дадеме максимумот за влез во групите. Тоа ќе биде добро не само за нас како клуб, туку и за македонскиот ракомет – вели Грчевски.
Реваншот ќе се игра на 4 октомври во СЦ „Борис Трајковски“ – Скопје (18.45 часот).


