Граѓаните се жалат дека сметките за вода не им стигаат редовно – наместо во сандачиња завршуваат на улица или на погрешна адреса

Фото: Фејсбук

Во периодот кога ЈП „Водовод и канализација“ спроведува акција за плаќање на заостанатите сметки за вода без камата, граѓаните се жалат дека дел од сметките воопшто не стигнуваат до нив. На социјалните мрежи постојано се споделуваат фотографии со расфрлани сметки за вода на земја, па оние потрошувачи, особено повозрасните, кои не користат електронско плаќање, воопшто не ги добиваат фактурите, што потоа доведува и до задоцнето плаќање.

Некои од скопјани што живеат во згради, пак, посочуваат дека пред сандачињата за пошта се оставаат фактурите за вода на куп и тоа не само за станарите од една зграда туку од неколку околни згради.

Луѓето не можат да си ги добијат сметките, а ние, пак, не сме поштари, па да ги бараме низ соседните згради за да им ја оставиме фактурата. Еве, два-три месеца како на куп ги наоѓаме сметките пред сандачињата или пикнати во сандачиња без никаков ред. Јас живеам на улицата Никола Тесла, а има тука фактури за граѓани што живеат на Гиго Михајловски, на Иван Аговски. Од „Водовод и канализација“ треба да си поведат повеќе грижа за тоа кој и како им ги доставува фактурите – вели Дејан, жител на Карпош 1.

Проблемот е особено изразен затоа што со некои од фактурите за вода што беа испорачани минатиот месец имаше и опомени за долг, кои никогаш не стигнаа до потрошувачите.

Но, од претпријатието велат дека во континуитет се грижат за корисниците на нивните услуги.

 Како доказ дека постоиме за корисниците на нашите услуги се постојаните новитети, кои овозможуваат побрз и полесен пристап до сите наши услуги. Во моментов се спроведува и акцијата за наплата на долговите што ги имаат корисниците на нашите услуги без пресметана камата. Оваа акција започна на 15.2.2023 година и е со определено времетраење, односно ќе трае до 31.3.2023 година. Со фактурите за месец 01/2023 година до корисниците што имаат неподмирен долг беа дистрибуирани и опомени. Корисниците на нашите услуги по однос на рекламациите за недоставена фактура можат да се обратат телефонски на 02 3073-010, електронски [email protected] или [email protected] или лично во нашата управна зграда на улица Лазар Личеноски број 9 – посочуваат од „Водовод и канализација“.

На прашањето дали граѓаните имаат поплаки на доставата на фактури, од јавното претпријатие тврдат дека нема зголемен број рекламации врз основа на редовна достава на фактурите, која се врши преку овластените вработени на ЈП „Водовод и канализација“.

Оттаму велат дека сите информации што се потребни за корисниците на нивните услуги се наоѓаат во самата фактура во делот за информации, на втората страна од фактурата. Тие ги упатуваат корисниците што не добиле фактура за вода за определен период да се јават на посочените телефонски броеви и на електронските адреси, или да дојдат лично во дирекцијата за да се реши проблемот.

 Нашите вработени ќе изготват и достават копија од фактурата која им недостасува. По секоја добиена рекламација навремено се постапува, а воедно се врши анализа и решавање на евентуално направениот проблем – велат од јавното претпријатие.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот