Јсп гужва/фото: Слободан Ѓуриќ/Слободен печат

Граѓани по цел час чекаат на станиците: Автобусите се без гориво или ЈСП „одмара“ дел од возниот парк?

Скопјани вчера попладне и утринава и по еден час чекаа автобус на станиците кои беа преполни со патници, затоа што возилата, кои и онака редовно ги нема во доволен број на улиците, беа максимално проретчени.

Дали причината за тоа навистина е недостигот на природен гас, особено ако се има предвид дека мал број автобуси возат на гас како гориво или ЈСП го искористи овој податок за да си ги „одмори“ автобусите во гаражите, е прашање на кое од јавното претпријатие не се очекува да одговорат пред граѓаните.

Од ЈСП, како што е познато, вчера информираа дека се можни отстапувања од возниот ред, поради добиената информација од „Номагас“ АД Скопје, дека ќе има прекин на испораката на природен гас кон Македонија до 17 октомври.

На терен, немаше „можни“ туку реални отстапувања, што предизвика револт кај граѓаните, кои во своите реакции укажуваа дека возниот ред никогаш не се почитува.

Знаете колку пати не дошол автобус според план и распоред и без да има рестрикции, па патување кое можело со една линија да заврши, сме принудени да го направиме менувајќи линии и на наш трошок заради вашата непрофесионалност – се вели во еден коментарите упатени кон ЈСП.

Друг граѓанин реагира дека ЈСП се единствените коишто наплаќаат однапред со купување картички и месечни билети, а дека услугата им е една „голема нула“, а возниот ред на интеренет страната не се совпаѓа со она што се случува на станиците.

Има и конкретни примери за тоа како функционира јавниот градски сообраќај.

 Утринава во 6.47 и во 7 часот немаше 5 – ка. Тоа е немање, не отстапување. Не знам потоа кога и дали дојде како и 5- ката во 7.05 часот која е исклучена ама во возниот ред сѐ уште си стои. Треба да си го ажурирате возниот ред и кога има отстапки и кога има исклучени линии, а не по 50 луѓе да чекаат на станица и да се чудат што ли ви се случува, по не знам кој пат. Мислам, чекаме автобус затоа што веројатно треба некаде да стигнеме во определено време, а не дека не ни се седи дома и уште сабајле во 5 часот да си дремеме на улица – вели жителка на главниот град.

Скопјани денеска подолго ќе чекаат автобус, ЈСП најави отстапувања од возниот ред

За тоа дали недостигот на автобуси на улиците се случи поради гасот, реагираа и од „Номагас“ од каде посочија дека граѓаните треба да го земат со резерва известувањето од ЈСП „Скопје“ за можни отстапувања и евентуални промени во возниот ред.  Оттаму потсетија дека ремонтните работи и прекинот беа најавени од 13.10.2025 година до 17.10.2025 година и претходните денови факт е дека ЈСП Скопје немале проблем во функционирањето, а работата се проблематизира на последниот ден кога треба да се стабилизира испораката на природен гас.

Поради планирани ремонтни работи на регионалните гасоводни системи во соседството, се соочуваме привремено да има прекин на испораката на природен гас кон Македонија, а ваквите ремонтни активности не се во ингеренции на „Номагас“ АД Скопје од причини што не се вршат на сопствениот гасовод. Имајќи го во предвид наведеното, активно и ажурно се следи состојбата 24 часа на ден и во рамките на расположлилвите можности се преземаат сите неопходни мерки за соодветно да се постапи и да се избегнат негативните страни на прекинот колку што е можно повеќе – се вели во нивното соопштение.

Оттаму додаваат дека според досегашните информации кои ги поседуваат, се очекува ремонтните активности да завршат во предвидениот рок и да се стабилизира испораката на природен гас, а доколку има евентуално пролонгирање на работите, навреме ќе известат.

Од „Номагас“ уште велат  дека ЈСП „Скопје“ речиси една година, поточно од почетокот на декември 2024 година не се нивни директни корисници преку нивната станица.

Со оглед на наведеното,  доколку постои друга причина за можни отстапувања и евентуални промени во возниот ред од ЈСП Скопје не е коректно да се посочува на „Номагас“ АД Скопје за сензитивна тема како што е градскиот превоз во Градот Скопје, се вели во соопштението.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот