Горан Крстев: Тој што не го почувстувал коронавирусот навистина не знае ништо

Градоначалникот на Чешиново Облешево, ќе поднесе приватна тужба против „ширачот“ на лажните вести кого, како што вели, лично го познава. 

На градоначалникот на општина Чешиново Облешево, Горан Крстев во понеделник му истекува времето од задолжителниот карантин поради тоа што е заболен од коронавирусот. Една од највалканите лажни вести во период на пандемија од светски рамки е токму онаа што тој ја слушнал – „дека наводно починал“ од заразата. Во меѓувреме се чувствува добро и ги очекува резултатите од двата теста кои допрва треба да бидат направени за конечно да се утврди дали ја надминал болеста.

Слободен печат го праша градоначалникот што ќе преземе против „ширачот“ на лажната вест, бидејќи вчера од СВР Штип ни рекоа дека случајот бил пријавен од Г.К. против лице со исти иницијали Г.К. но, по консултации со јавен обвинтел, им било посочено дека нема кривичен правен настан во однос на пријавувањето, бидејќи станува збор само за „поплака“. Од таму ни рекоа дека доколу пријавителот се чувствува оштетен, треба приватно да тужи.

Македонија е мала држава, дури ќе речам дека секој со секого или, пак, преку некого, се познава. Во општината Чешиново Олешево претпоставувам дека дури контактите се и на лична основа. Дали го познавате човекот кој зборувал дека наводно Вие сте починале од заразата?

– Да, лично го познавам човекот што ги ширеше лажните вести дека сум починал. Слушнав веќе дека СВР Штип по консултациите со јавен обвинител заклучиле дека немаат основ да го гонат сторителот по службена должност. Ако е така, тогаш јас лично ќе го сторам тоа. Веднаш по излегувањето од карантинот, се надевам дека тоа ќе се случи по велигденсктие празници во вторник, ќе поднесам приватна тужба против човекот кој ги ширеше тие лажни вести. Во понеделник ми завршува каранитинот на самоизолација. Во меѓувреме ќе ги направам двата задолжителни тестови кои според Министерството за здравство треба да бидат негативни, за да можам слободно да излезам, да се движам и да ги извршувам моите обврски.

Претпоставувате ли зошто човекот ги ширел тие лажни вести и која би можело да биде причината, дали е политичка или, пак, станува збор за нешто друго?

– Не сакам да зборувам за политички акативности во овој период, кога државата и сите ние се обидуваме што побезболно да ја надминеме здравствента криза предизвикана од Ковид 19. Можам да речам само дека навистина не знам зошто зборувал така, и тоа на мои блиски луѓе. Дека сум починал, зборувал и пред вработените во јавното колунално претрпијатие.

Како се чувствувате сега, дали го надминавте најстрашното?

– Се чувствувам добро. Моето семејство е добро. Ме радува што и луѓето кои беа во контакт со мене се негативни на Ковид 19. Тестовите на возачот кој беше до мене десет дена, додека јас разбрав дека берберот е позитивен на коронавирусот, вчера излегоа негативни. Негативни се и резултатите од тестовите на уште тројца вработени од општината Чешиново Облешево. Вчера од Институтот за јавно здравје излегоа и резултатите на еден оветник кој со мене контактираше на втори или трети април, и тие се негативни. Навистина се радувам што нивните резултати се негативни.

Дали докрај ги почитувате сите оние мерки предвидени за заболен од коронавирус?

– Јас живеам во иста куќа со моите родители. Мајка ми и татко ми се на еден спрат, а јас со сопругата на друг, така што немам никаков контакт со нив. Моите деца се во стан во Кочани. Навистина до крај ги почитувам препораките на Министерството за здравство, бидејќи не сакам да загрозам ничиј живот.

Како го поминувате времето во самоизолација?

– Времето брзо лета, поминува. Читам но, и работам. Социјалните мрежи сега дозволуваат, па да речам, дури и нормално да функционираш. Контактирам со вработените од општината, работиме.

Што би им препорачале на своите сограѓани, на луѓето болни од Ковид 19?

– Моја лична препорака е да внимаваат и да се чуваат. Тој што не го почувстувал коронавирусот навистина не знае ништо. Не знае какво е тоа чувството кога ќе ви кажат дека сте заболеле од Ковид 19 или, пак, кога ги чекате резултатите за кои се надевате дека ќе покажат дека сте негативен на овој вирус, односно дека сте се излечиле. На сите им посакувам здравје и среќа и да се во добра здравствена состојба. Апелирам, да ги почитуваат препораките на Министерството за здравство. А на сите оние што се јавуваат и зборуваат преку медиумте, било тие да се социјални, дека оваа зараза не е ништо, да престанат да зборуваат така. Не дај боже никој да не го осети вирусот на својот грб. Не смееме никого да обвиниме дека некого заразил, бидејќи и тој не знаел. И јас не знаев додека не слушнав дека берберот кај кого се шишав, бил болен од коронавирусот. Не е човечки да обвиниме некого. Никој не сака да биде разболен или, пак, друг да разболи. Но, за жал во Македонија имаме разно – разни луѓе. Ќе мора да се менуваат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот