Интервју со Горан Абрамовиќ, најдобар пица мајстор во светот за 2022 година: за врвна пица клучни се три фактори

Горан Абрамиќ од Србија е најдобриот пица-мајстор во светот за 2022 година

Неслучајно, со Абрамовиќ се сретнавме во скопската пицерија „Мато Наполетано“, која годинава беше избрана за една од 50те најдобри пицерии во цела Европа.

Во јуни годинава, српскиот пица мајстор Горан Абрамовиќ стана светски шампион на пица мастер натпреварот „Чампионато Мондиале дел Пизауоло“ во Неапол. Абрамовиќ го освои првото место во најтешката категорија С.Т.Г (загарантиран традиционален специјалитет), во која се прават традиционалните пици Маргарита и Маринара. На овој престижен натпревар учествуваа над 1.000 пица мајстори од целиот свет, меѓу кои и домаќини од Неапол, Палермо, Милано и многу други италијански градови.

Горан Абрамовиќ

Приказната на Горан започнува во 1993 година, кога на 21 годишна возраст, поради војната ја напушта Србија и заминува во Јоханесбург, Јужна Африка, каде живее кумот на неговиот татко. Таму, работел во фабрика за дрва.

„Кога виде дека немам финеси и моторика за таа работа, кумот ме посоветува да заминам кај негов пријател, наполитанец и да пробам да работам како пица мајстор. Таму за првпат се сретнав со наполитанската пица, а со тоа започна и мојата пица-приказна.“

Најсериозниот исчекор во кариерата го прави седумнаесет години подоцна, кога по препорака на наполитанецот кај кого работел во Јоханезбург, Горан заминува во Неапол, Италија. Овојпат, „старата школа“ ја учи од најдобрите – во буквална смисла на зборот. Имено, тогаш започнува да го учи занаетот во прочуената наполитанска пицерија „Бранди“ која постои цели 239 години и е местото каде е создадена познатата наполитанска пица Маргерита.

Фото: Мато Наполетано, Скопје

Името на најпознатата пица не е случајно: летото 1889 година, кралското семејство од Савој било во Неапол, а кралицата Маргерита била сместена во палатата Капо ди Монте. „Уморна“ од француската кујна во палатата, кралицата изразила желба да ја вкуси „познатата наполитанска пица“. Пица мајсторот Рафаеле и подгтотвил три типа пица, ама, таа со моцарела, босилек и домат и го освоило срцето. Така, познатата наполитанска пица го добила името Маргерита.

„После 17 години, откако стигнав во наполитанската пицерија „Бранди“, всушност сфатив колку не знам. Едукацијата е нешто, што секој пица мајстор би требало да го помине.“

Искуството го научило Горан дека топ три карактеристики кои треба да ги поседува еден врвен пица мајстор се домашното воспитување, културата и хигиената.

„Кога една личност може да се пофали со овие квалитети, големи се шансите да стане врвен пица мајстор. Доколку му недостига една од овие карактеристики, може да се биде добар, но не и одличен. Есенцијални се и дисциплината, како и љубовта и страста за работата. За да станеш број еден, мораш да ја познаваш нивната култура, нивното размислување, да работиш со нив, за да, можеби еден ден, станеш врвен пица мајстор. Јас покажав и докажав дека тоа е можно. Кога сакаш, ништо не е тешко.“

 

Горан вели дека наполитанскиот стил на пица е во неговото срце, како и дека покрај тоа што секогаш е отворен за нови стилови и вкусови, останува верен на традицијата. Од современите стилови на пица, вели дека му се допаѓа стилот Пинѕа.

„Видов што е старо, ново, модерно… Но јас сум секогаш за оригиналното, ја следам традицијата, бидејќи модата доаѓа и проаѓа.“

Горан во моментов работи во неговата пицерија „Петра“ која се наоѓа во Белград и годинава беше рангирана на 37. место на листата на „50ТопПица“ за најдобри 50 пицерии во Европа за 2022 година. Скопската пицерија „Мато Наполетано“ се наоѓа на 47. место на оваа престижна листа.

Во нашата пицерија „Петра“ ги користиме најквалитетните италијанските состојки. За врвна пица клучни се три фактори: врвни состојки, пица-мајстор и печката.

Го прашавме Горан што би можело да биде следно за еден врвен светски пица мајстор, на што ни одговори: „мојот најголем сон, да отворам сопствена академија за традиционална пица“.

Вакви академии во моментов има само во Неапол и Токио, и како што најави самиот Абрамовиќ, наскоро и во Белград, Србија. Целта на оваа академија е, по стапките на наполитанската традиција и наполитанските пица мајстори, кои ќе бидат присутни во Белград, Балканот да стане локација на која ќе се создаваат врвни пица мајстори кои ќе работат во најдобрите пицерии во Европа и светот.

Горан во Мато Наполетано, Скопје

„Големо задоволство и чест е да се биде домаќин на најдобриот светски пица-мајстор за 2022 година во кагегоријата Наполитана С.Т.Г., односно најпрестижната категорија во наполитанскиот стил на пица. Светскиот број еден, г. Горан Амбрамовиќ од Белград, Србија е член на АПН асоцијацијата (Академија на наполитански пица-мајстори), заслужна за наполитанската пица со заштитен серификат за географско потекло, рецептура и мајсторство во уметност на правeње пици, која во 2017 година УНЕСКО да ја стави во светско културно наследство.
Скопската пицерија „Мато Наполетано“ која е член на „50 Топ пица“, највлијателниот светски пица водич и е една од најдобрите 50 пицерии во Европа за 2022 година, беше привилегирана со присуството на овој пица-мајстор.

Горди сме што овој шампион, освен што успеа да ги воодушеви дури и Италијанците, се согласи да биде главен ментор и водич на патот кој ќе го однесе „Мато Наполетано“ до целта, во пицерија сертифицирана за автентична традиционална наполитанска пица – вистинска гастро италијанска амбасада и место каде што вистинските љубители на пица ќе можат да се впуштат во уживање на вкусовите на овој наполитански специјалитет“, ни рекоа од скопската пицерија Мато Наполетано, една од најдобрите 50 за цела Европа во 2022 година.

Скопскиот ресторан Мато Наполетано доби големо признание: Една од најдобрите 50 пицерии во Европа

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот