Голема студија — придобивките за мозокот од откажувањето од пушење ќе исчезнат ако се здебелите
Она што им штети на белите дробови може да му наштети и на мозокот. Нови докази покажуваат дека откажувањето од пушење подоцна во животот е поврзано со 16 отсто помал ризик од развој на деменција. Меѓутоа, се чини дека постои важен услов. Анализата на здравствените податоци собрани со децении во САД покажала дека поранешните пушачи имале сличен ризик од деменција како и луѓето кои никогаш не пушеле, но оваа придобивка најчесто се забележувала кај оние што не се здебелиле по откажувањето, пишува „Саенс алерт“.
Препорачано
Улогата на телесната тежина
Придобивките за мозокот најчесто се забележани кај учесниците што не се здебелиле или добиле помалку од 5 килограми во рок од две години по откажувањето од пушењето.
Ако поранешен пушач се здебелил повеќе од 10 килограми, поврзаноста помеѓу откажувањето од пушење и помалиот ризик од деменција повеќе не била статистички значајна. Ова, секако, не е причина да се продолжи со пушењето, кое носи бројни други здравствени ризици. Наместо тоа, студијата сугерира дека луѓето по откажувањето од пушење треба да водат посебна грижа за одржување на својата тежина.
– Луѓето често се грижат за тоа што ќе се случи откако ќе престанат да пушат, вклучително дебелеењето и поврзаните метаболички промени. Нашето истражување покажува дека откажувањето од пушење и понатаму е поврзано со подобро здравје на мозокот, но одржувањето на телеснакта тежина може да помогне во зачувувањето на тие придобивки – рекол водечкиот истражувач Хуи Чен од Медицинскиот факултет на Универзитетот Жеџијанг во Кина.
Пушењето како фактор на ризик
Студиите за популацијата како оваа не можат да докажат причинско-последична врска, па затоа резултатите треба да се толкуваат со претпазливост. Сепак, пушењето цигари се смета за еден од водечките фактори на ризик за деменција. Некои проценки велат дека оваа навика може да ја зголеми веројатноста за развој на деменција за 30 до 50 отсто.
Меѓутоа, дебелината и дијабетесот тип 2 се исто така поврзани со ризикот од деменција, а зголемувањето на телесната тежина е честа појава по престанувањето со пушење.
Повеќето луѓе добиваат помалку од 5 килограми во годините откако ќе престанат да пушат, но помеѓу 10 и 20 отсто од поранешните пушачи добиваат повеќе од 10 килограми. Останува нејасно како меѓусебниот однос од престанувањето со пушење и негативните ефекти од дебелеењето влијае на вкупниот ризик од деменција.
Детали и резултати од истражувањето
Неодамнешна студија на Чен и неговите колеги, објавена во списанието „Неврологија“, анализирало здравствени податоци на повеќе од 32.000 пензионери во САД без деменција, со просечна возраст од околу 60 години.
На секои две години учесниците известувале за својот статус на пушење и телесната тежина. Во текот на 25-годишното следење, биле регистрирани речиси 6.000 случаи на деменција.
Во споредба со сегашните пушачи, оние што престанале да пушат во текот на студијата имале 16 отсто помал ризик од деменција. Луѓето кои никогаш не пушеле имале 25 отсто помал ризик во споредба со сегашните пушачи.
Тестовите за когнитивна функција, исто така, откриле побавен когнитивен пад кај поранешните пушачи, особено кај оние со помало зголемување на телесната тежина.
Оние што престанале да пушат и не добиле значително тежина имале приближно 20 отсто побавна темпо на когнитивен пад во споредба со активните пушачи. Тоа не била ненадејна промена, туку постепена – колку подолго лицето било непушач, толку поголеми биле когнитивните здравствени придобивки.
Порака за поранешните пушачи
Наодите сугерираат дека дебелеењето може да поништи некои од когнитивните придобивки од откажувањето од пушење. Авторите на студијата затоа тврдат дека пораките за јавно здравје за пушењето треба да го нагласат и овој факт, така што луѓето што се обидуваат да се откажат од пушењето истовремено треба да преземат чекори за контрола на телесната тежина.
– Нашите резултати сугерираат дека откажувањето од пушење може да помогне во зачувувањето на здравјето на мозокот на подолг рок, но ја истакнуваат и важноста на она што се случува по откажувањето. Потребни се идни истражувања за подобро да се разбере како управувањето со телесната тежина и другите фактори на животниот стил можат да им помогнат на луѓето да ги максимизираат придобивките за здравјето на мозокот од откажувањето од пушење во старост – рекол Чен.


