Гулаби - Фото: pexels-introspectivedsgn

ВИДЕО | Гулабите ja „изгубија битката“ — човек измисли паметен уред кој успешно ги брка од терасите

Додека политичарите симболично пуштаат гулаби како знак на мирот, за многу жители во градовите овие птици претставуваат вистинска главоболка. Нивното присуство на балконите, терасите и во дворовите често значи постојано чистење и борба со нечистотијата што ја оставаат зад себе. Токму затоа едно необично, но исклучително ефикасно решение за одбрана од гулабите стана вистинска интернет сензација и предизвика бројни реакции меѓу љубителите на технологијата.

Сопственик на стан, изморен од постојаните посети на птиците кои му ја валкале терасата, решил проблемот да го реши со помош на современа технологија, пренесува „Еуроњуз“.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by TECtalks (@tectalks.io)

Наместо да користи вообичаени средства како метални шилци, пластични врани, стари компакт-дискови или други помагала за бркање птици, тој изградил автоматизиран систем за откривање и насочување. Уредот функционира како своевидна заштитна зона која се потпира на алгоритми за препознавање на слики.

Системот користи камера која постојано ја набљудува терасата и ги испраќа податоците до софтвер за анализа на визуелни информации. Во моментот кога програмата ќе препознае гулаб врз основа на неговиот облик и движење, автоматски испраќа команда до механизам опремен со серво-мотори. Тие ја насочуваат прскалката кон птицата, по што следува краток и прецизен млаз вода.

Ваквиот начин на одвраќање е доволен за да го исплаши непосакуваниот посетител без да му нанесе каква било повреда, принудувајќи го веднаш да ја напушти терасата.

Технологијата зад проектот ги подели експертите

Откако пронајдокот бил објавен на една популарна интернет-платформа за дискусии, меѓу корисниците се развила расправа. Голем број луѓе веднаш изразиле желба да имаат сличен систем во своите домови, а некои предложиле негово користење и за одвраќање на други животни кои влегуваат во дворовите и градините.

Од друга страна, познавачите на информатичките технологии посочиле дека овој систем не се заснова на генеративна вештачка интелигенција во нејзината класична форма. Наместо тоа, станува збор за напредна примена на компјутерски вид и препознавање движења, технологии кои веќе подолго време се користат во различни аматерски и професионални проекти.

Според нив, ваквите решенија не се новост во технолошкиот свет и повеќе од една деценија се применуваат во проекти базирани на мали програмски уреди и автоматизирани системи за набљудување.

Без оглед на техничките расправи, практичната вредност на овој изум е очигледна за луѓето кои живеат во урбаните средини. Градските гулаби со текот на времето толку многу се навикнале на присуството на луѓето што традиционалните методи за нивно бркање стануваат сè помалку ефикасни.

Некои корисници на интернет низ шега се запрашале дали гулабите со текот на времето ќе развијат сопствени стратегии за избегнување на водениот млаз или, пак, терасата ќе ја претворат во своевиден полигон за усовршување на нивната подвижност и снаодливост.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот