Фото: Книга „Скопје/Skopje 1963“ (издание на Agencija za foto dokumentaciju, Zagreb / НИП „Нова Македонија“) преку РетроМК

ФОТО | Светски ден на велосипедот — Скопје повеќе од 130 години се вози на две тркала, вака изгледала првата дозвола за точак

3 јуни ширум светот се одбележува како Светски ден на велосипедот, посветен на едно од наједноставните, најдостапните и најодржливите превозни средства што човештвото го користи повеќе од два века.

Од првите велосипеди до денешните велосипедски патеки

Малкумина знаат дека првите велосипеди во Скопје се појавиле уште во 19 век, околу 1890 година. Токму во тој период во Скопје и Битола започнува развојот на велосипедизмот, кој подоцна прераснал во организирана спортска и рекреативна активност. Во првата половина на 20 век биле формирани и првите велосипедски клубови и друштва, а велосипедот постепено станувал сè почесто превозно средство меѓу граѓаните.

Во 60-тите години на минатиот век, Скопје навистина бил „велосипедски град“ каде што секој втор жител возел точак на натпревари, на работа и за рекреација. Доказ за тоа е насловната фотографија, која ја најдовме на блогот РетроМК. 

„Скопје, град со 100.000 велосипеди – секој втор граѓанин во Скопје има велосипед… некаде околу 1960 година.“, пишува во описот на блогот, а изворот е од книгата „Скопје/Skopje 1963“, во издание на Агенција за фотодокументација, Загреб и НИП „Нова Македонија“, Скопје.

Кога за возење велосипед се издавала и дозвола

Интересен историски факт е дека во минатото за возење велосипед во одредени средини постоеле посебни сообраќајни дозволи. Сочуван архивски документ сведочи за издадена дозвола за велосипед од 1935 година, што покажува дека уште тогаш властите воведувале одредена евиденција и правила за учество на велосипедистите во сообраќајот.

Дозвола за велосипед – Фото: Wikimedia Commons/ Државен Архив на РСМ

Скопје има поволни услови за велосипедизам

Скопје, со своите поволни географски и климатски карактеристики, рамнински терен и релативно умерени температури, може да се вброи во редот на градовите со голем број погодности за возење велосипед, особено за патувања до пет километри, кои во урбаните средини претставуваат најголем дел од секојдневната мобилност и при кои велосипедот често е најбрзото превозно средство „од врата до врата“.

Според „Планот за унапредување на велосипедскиот сообраќај 2019–2021“, градот има и историска основа за велосипедска култура и користење на велосипедот како транспортно и рекреативно средство, што дополнително ја нагласува неговата соодветност за развој во велосипедски град.

„На точак“ – двигател на велосипедската култура во Скопје

Посебно место во промоцијата на велосипедската култура во Скопје има граѓанската иницијатива „На точак“, која повеќе од една деценија се залага за подобри услови за велосипедистите, побезбедни улици и поголема употреба на велосипедот како секојдневно превозно средство.

„Критична маса“ – најпрепознатливото велосипедско движење во главниот град

Една од најпрепознатливите активности на граѓанската иницијатива „На точак“ е организирањето на „Критична маса“ – масовно групно возење велосипед низ скопските улици со кое се промовира велосипедизмот и се укажува на потребата од побезбедна и поквалитетна велосипедска инфраструктура.

Првата „Критична маса“ во Скопје се одржа на 30 мај 2012 година, со што главниот град се приклучи на светското движење присутно во стотици градови ширум светот.

Уште во првата година од постоењето беа организирани дванаесет последователни возења, а интересот на граѓаните постојано растеше. До 2020 година беа одржани 85 изданија на „Критична маса“, додека во 2022 година се возеше 89-тото издание.

Во текот на годините, настаните обработуваа различни теми поврзани со урбаната мобилност, безбедноста во сообраќајот, загадувањето на воздухот и правото на јавен простор. Меѓу позабележаните акции беа возењата под мотото „Избори се за почист воздух“, „Простор за сите“, „Сакаме да се видиме и да нѐ видат“ и „Колку жртви се доволно?“, со кои велосипедистите испраќаа пораки до институциите за поголема безбедност и подобри услови за движење низ градот.

Пред три месеци, колегата Бојан Шашевски пишуваше за Правилникот за велосипедска инфраструктура кој сè уште е заглавен во институциите, додека велосипедистите секојдневно се соочуваат со небезбедни и неуредени патеки, што е прикажано и во неговото видео подготвено за овој текст.

Велосипедот како средство за поздрави и поодржливи градови

Обединетите нации потсетуваат дека редовната физичка активност со умерен интензитет, како што се пешачењето, возењето велосипед и спортувањето, носи значителни придобивки за здравјето. Без оглед на возраста, придобивките од физичката активност се многу поголеми од можните ризици, како што се сообраќајните незгоди. Дури и малото зголемување на дневната физичка активност може значително да придонесе за подобро здравје и полесно исполнување на препорачаното ниво на движење.

Според Светската здравствена организација, безбедната инфраструктура за пешачење и возење велосипед претставува важен чекор кон поголема здравствена еднаквост. За најсиромашните жители на урбаните средини, кои често не можат да си дозволат приватно моторно возило, пешачењето и велосипедот се достапни начини на превоз. Воедно, тие придонесуваат за намалување на ризикот од срцеви заболувања, мозочен удар, одредени видови рак, шеќерна болест и предвремена смрт. Затоа, вложувањето во активен превоз не е само здравствено корисно, туку и правично и економски исплатливо решение.

Потребите на пешаците и велосипедистите остануваат клучен дел од современите решенија за мобилност. Градовите низ светот сè повеќе се соочуваат со предизвикот да го одвојат растот на населението од зголемувањето на штетните емисии, а истовремено да го подобрат квалитетот на воздухот и безбедноста во сообраќајот. Пандемијата предизвикана од коронавирусот дополнително ги поттикна многу градови повторно да ги преиспитаат своите транспортни системи и да бараат поодржливи решенија.

Светскиот ден на велосипедот го насочува вниманието кон бројните придобивки од користењето на велосипедот како едноставно, достапно, чисто и еколошки прифатливо средство за превоз. Велосипедот придонесува за почист воздух и помал сообраќаен метеж, а истовремено овозможува полесен пристап до образование, здравствена заштита и други општествени услуги за најранливите категории граѓани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот