Фото: НаТочак

Стандардите за возење велосипед ставени на листа на чекање – Правилникот за патеки „заринка“ во Влада

Иако најавуван како документ што треба да донесе ред и стандарди на велосипедските патеки, по терк на европските градови, Правилникот за велосипедска инфраструктура веќе пола година го нема во устите на извршните и локалните власти. Наместо да „седи во фиока“, еколошките активисти бараат тој да се одглави и посериозно да се решаваат условите за возење велосипед.

Велосипедистите во земјава секојдневно возат по патеки со шахти, столпчиња, дупки и „тумби-румби“. Начекуваат и контејнери и автобуски постојки – насред пат. Некаде се судираат со пешаци. Некаде не се знае каде завршува тротоар, а каде почнува велосипедска патека. Нејасно е ниту дали воопшто се возат по патеки, бидејќи во делови се несоодветно обоени, избледени или се тесни. Во Охрид има широки по 1 метар, во Струмица по 1,25, а во Скопје – 1,5 метри. Па така, без стандарди во велосипедска мрежа и без гаранција за безбедност, многумина немаат стимул за да излезат од автомобилот, дури и кога цените на горивата растат.

Ова требаше да почне да се менува со новиот Правилник за велосипедска инфраструктура, кој од организацијата „Гоу Грин“ долго го изработуваа со стручни луѓе, а потоа пред шест месеци, во очи на локалните избори, заедно со институциите беше промовиран на настан пред „Континентал“. Сепак, како што дознаваме, моментално тој е заглавен во Влада на нова рунда прегледи и одобрувања.

Од Министерството за транспорт за „Слободен печат“ велат дека го изготвиле Правилникот, а потоа го доставиле до владиниот Секретаријат за законодавство заради, како што посочуваат, законско усогласување со сите надлежни институции.

„Од причина што за првпат се носи еден ваков Правилник, очекуваме внимателно сите засегнати институции да дадат свои мислења, со цел да се донесат квалитетни подзаконски решенија кои на најефикасен начин ќе понудат форми и начини за изградба на велосипедската инфрастрктура. Со ова покажуваме посветеност на унапредување на стандардите за велосипедската инфраструктура се со цел да се зголеми безбедност на велосипедскиот сообраќај“, посочуваат од министерството.

Од Транспорт не кажуваат кога тој би бил завршен, иако пред половина година заменик-министерката Калтрина Зеколи Шаќири се пофали дека „поголемиот дел е готов, ни требаат уште некои технички работи од МВР и ‘Јавни патишта’“.

Ниту од градската администрација на Скопје не добивме одговор каков е нивниот удел во Правилникот, ниту како Градот помага за да се подобрат условите за велосипедистите. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски пред изборите тврдеше дека Правилникот ќе биде обврзувачки за општините, а во следните години треба да се направи напор да се дуплира бројката од 144 километри вело-патеки во Скопје и 5-те отсто учество на велосипедизмот во сообраќајот.

Фото: „НаТочак“

„НаТочак“: Штета е Правилникот да остане „заглавен по фиоки“

Поддршка за ваков Правилник даваат од иницијативата „НаТочак“. Оттаму објаснуваат дека документот се обликува и изготвува уште од 2016, кога почна координација меѓу службите на Град Скопје и нивни претставници, но, Правилник немаше ниту тогаш, ниту подоцна во рамки на две влади, за да важи на национално ниво. Организацијата „Гоу грин“ ги надгради тие верзии и ги поднесе во 2024 година до министерството, продолжи да го тера процесот, за што доби поддршка и од „НаТочак“.

Сега, активистите се спремни за соработка и да допринесат со свои предлози, па затоа на 19 февруари испратиле нов допис до ресорниот министер Александар Николовски.

„Би сакале да потсетиме дека Македонија заедно со Албанија и Косово е во последните држави во Европа кои немаат ваква регулатива. А доколку овој Правилник се донесе, би бил меѓу најдобрите на Балканот. Од едната до другата крајност нè двои едно потпишување. Сметаме дека помина доволно време и би било штета Правилник кој е од јавен интерес да остане ‘заглавен по фиоки’. Доколку постојат несогласувања со други правилници, можеби треба да се работи и на нивна измена, бидејќи содржината на овој Правилник кореспондира со сегашниот миг и целите за кои сите се залагаме: поодржлива, побезбедна и поквалитетна иднина за нашите места на живеење, работа и рекреација. Не може истовремено да имаме и напредок, и статус кво“, велат од „НаТочак“ за „Слободен печат“.

На улиците годишно се случуваат по две дискотеки „Пулс“

На последната велосипедска Критична маса, велосипедските активисти упатија порака дека годишно по улиците од сообраќајни умираат по 120 луѓе, што се две дискотеки „Пулс“. Ова се податоци од МВР и Државен завод за ревизија.

ВИДЕО: „НаТочак“ достави десет барања до идните градоначалници

„Надлежните имаат голема можност, шанса да направат суштински промени. Имаме еден едноставен предлог: зошто не се качите една недела на точак? Да ги паркирате колите и да видите со што се соочуваат велосипедистите, пешаците, родителите кои туркаат колички, лицата со попреченост и сите оние оние што не се во удобноста на колата. Време е велосипедот и останатите превозни средства да се изедначат со приматот што постои во градот, а тоа е автомобилот“, посочија од „НаТочак“.

„НаТочак“: Скопје е хендикепиран град, не гарантира проодност на луѓето со попреченост

Оттаму го поздравија и „Безбеден град“, ама побараа уште мерки за да има поголем ефект во безбедноста. Покрај булеварите, да се работи на физичко смирување на сообраќајот на сите општински улици.

„Не може и не треба да има камера на секое ќоше, туку просторот да биде креиран за посакуваната брзина. Треба да се работи на подобрување на условите за движење со останатите превозни средства – јавен превоз, велосипеди, тротинети, пешачење – односно ослободување и заштита на тротоарите, со физичка заштита или со мерки како комунална полиција, подобри услови за автобус итн“, рекоа од НаТочак.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот