Фото: Bilawal Arbab / EPA/EFE

Голем терористички напад во Пакистан – напаѓач се разнесе во џамија, има над 30 жртви

Најмалку 31 лице загина, а 169 се ранети во самоубиствен бомбашки напад во шиитска џамија во пакистанскиот главен град Исламабад утрово, потврди владин претставник.

Експлозијата се случила за време на утринската молитва во џамијата Хадиџа Тул Кубра, кога напаѓачот, според првичните информации од безбедносните служби, бил запрен на влезот во комплексот, а потоа активирал експлозивна направа, пренесуваат медиумите.

Бројни служби за итни случаи веднаш биле испратени на местото на нападот, а областа била опколена со силно полициско и воено присуство. Стотици луѓе се собрале во близина на џамијата, додека вооружени војници во камуфлажни униформи го спречиле приближувањето на љубопитните минувачи.

Бројот на жртви се зголемува

Главната министерка на пакистанската провинција Пенџаб, Меријам Наваз Шариф, изјави дека на местото на експлозијата се испратени 25 целосно опремени амбулантни возила и дека сите болници во округот Равалпинди се ставени во состојба на висока готовност.

„Хируршки тимови, анестезиолози, ортопедски и неврохируршки специјалисти се во состојба на готовност“, рече Шариф.

Нападот беше остро осуден од страна на високи владини претставници. Пакистанскиот министер за надворешни работи и заменик-премиер Ишак Дар го нарече инцидентот „кукавички самоубиствен напад врз невини верници“.

„Нападите врз местата за богослужба и цивилите се гнасен злостор против човештвото и очигледно кршење на исламските принципи“, рече Дар, додавајќи дека Пакистан останува обединет во борбата против тероризмот.

„Нема да бидеме заплашени од овие варварства. Екстремистите ќе бидат изведени пред лицето на правдата“, рече тој.

Претседателот на Пакистан, исто така, го осуди нападот, нарекувајќи го „злосторство против човештвото“.

Истрагата за нападот е во тек и ниедна група сè уште не ја презеде одговорноста. Безбедносните мерки во Исламабад и околните области се дополнително заострени.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот