Го навредија дека 9 години лаже и нема донирано ни пет компјутери: Емотивна случка на Борче Стаменов
По нападите кои ги претрпе на социјалните мрежи, Борче Стаменов, познат како „Борче Донирај компјутер“ раскажа за емотивна случка што неодамна ја доживеал.
Препорачано
Борче Стаменов од Кавадарци е човекот кој со својот тим, волонтерски надградува компјутери и ги подарува во семејства кои не можат да си дозволат да си купат. Тој е еден од најхуманите личности во Македонија и досега има донирано 3847 компјутери.
„А, кога сме кај она ‘мал е светот’, денеска ми се случи ‘мала е Македонија’. Исто ќе го спојам овој статус со нападите кои ги претрпев на Твитер пред десетина дена дека од нашите донации немало никаде трага и дека веројатно јас лажам 9 години и немам донирано ни 5 уреда. Одам во еден голем маркет во Скопје да испазарам. Се шуткам по рафтовите и секогаш сувомесното на сечење го оставам за крај. Се паркирам и си чекам ред. Доаѓам и кажувам на вработената што да ми исече. Си сече она и ме погледнува. Пак сече, пак ме погледнува.
Извини, многу си ми познат. Да не се знаеме од некаде.
– Не, не сум од тука, сте се препознале.
Ама не, некаде сум те видела.
– Можеби по социјални мрежи. Доста сум активен. А може и на некоја телевизија.
– Чекај, ти беше дечкото што донира компјутери?
Да, тој сум.
– Леле па и на нас ни имате донирано компјутер. Ах каква радост сте им донеле на моите дечиња!!
Стварно? Супер, со здравје да си го користат.
– Ма не сте свесни колку радост носите со тоа што го работите. Би ви посакала да добиете сè што сакате ама знам дека вие веќе добивте. Имате ќерка нели?
Да, да. За десетина дена ќе полни 5 месеци.
– Да е жива и здрава. Не се соменувам дека правилно ќе ја воспитате и таа да биде добра како тато.
Ви благодарам! Да ви се враќа сè со убаво.
Си заминав така емотивно разнесен што ете, запознав некој кому му имаме дадено уред. Дека ете, не лажам 9 години дека донираме компјутери само за да бидам „популарен“, напиша Борче на Фејсбук.
Стаменов, основачот на иницијативата „Донирај компјутер“, е добитник на државната награда „Мајка Тереза“ за 2025 година. Наградата „Мајка Тереза“ се доделува секоја година за посебен придонес во областа на хуманоста, солидарноста и хуманитарната дејност.
Стаменов во 2023 ја доби државната награда „Мето Јовановски“, највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на промоцијата, заштитата и унапредувањето на човековите права.


