Ѓуретановиќ постави нов апсолутен и младински рекорд во македонското пливање
Имаме нов рекорд во македонското пливање, информираа од Пливачкиот клуб Вардар 2018. Никола Ѓуретановиќ, 17-годишниот феномен го направи невозможното.
Во дисциплината 400 метри слободно на Светското првенство во Будимпешта, Унгарија, Ѓуретановиќ постави апсолутен и младински рекорд на Македонија.
Со време од 3:53.05 минути, Ѓуретановиќ го собори досегашниот рекорд на Марко Блажевски (3:56.32) за три секунди и 27 стотинки. Овој успех го најавува како идниот поход во неговата генерација на европските базени.
– Честитки Никола! Честитки за целиот стручен тим! Ова е голем ден за македонското пливање – ден кога границите се поместија, а амбициите добија нова димензија! Македонија има шампион! Поддржете го овој млад талент во неговиот поход кон целта – стои во објавата на ПК Вардар 2018.