Ѓорческа: Сонот стана реалност, ние сме мала земја со големо спортско срце!
Најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа не можеше да ги сокрие емоциите по историскиот успех и пласманот во главниот турнир на Вимблдон. Со овој подвиг таа испиша нова страница во македонскиот тенис, станувајќи првиот македонски тенисер или тенисерка што обезбедил настап на главниот турнир на најпрестижниот Грен слем.
Препорачано
Во разговор за телевизијата на Вимблдон, Ѓорческа истакна дека овој момент претставува исполнување на нејзиниот најголем спортски сон, но и огромна чест што како спортистка од Македонија успеала да стигне до ваков успех.
„Пресреќна сум и горда поради сè што ми се случува овие денови на Вимблдон. Доаѓам од мала земја и навистина ми значи што сум првата во историјата, и во машка и во женска конкуренција, која ќе настапи на главниот турнир. Ова е сон што конечно стана реалност“, изјави македонската тенисерка.
Таа посочи дека патот до врвот за спортистите од Македонија е значително потежок, бидејќи се соочуваат со бројни предизвици, од организацијата и условите за подготовка, до финансиската поддршка.
„Не е лесно кога доаѓате од мала држава. Логистиката, тренинзите, условите за работа, како и финансискиот дел, претставуваат голем предизвик. Но, кога ќе стигнете овде, давате сè од себе и токму тоа на крајот се исплати. Можеби сме мала земја, но имаме големо спортско срце“, порача Ѓорческа.
Името на својата прва противничка во главниот турнир македонската тенисерка ќе го дознае утре, кога од 11 часот ќе биде одржана ждрепката за Вимблдон.


