Ѓоковиќ пред Вимблдон: Гладен сум за уште успеси
Новак Ѓоковиќ утре против Аргентинецот Педро Качин го игра својот прв меч на Вимблдон оваа година каде што ќе ја брани титулата освоена минатата година.
Препорачано
Пред почетокот на турнирот, Ѓоковиќ порача дека се уште кај него постои глад за трофеи и не му е потребна посебна мотивација. Ѓоковиќ освои 23 грен-слем титули, па новинарите на прес-конференција ги интересираше дали сега се чувствува поопуштено бидејќи е рекордер во машка конкуренција.
„Не, не се чувствувам поопуштено. Се уште сум гладен за успех, за повеќе грен-слем трофеи и поголеми достигнувања. Се додека тоа ќе го има во мене, ќе знам дека можам да се натпреварувам на највисоко ниво. Ако помине, веројатно ќе се соочам со други услови и пристапот ќе ми биде поинаков“, изјави српскиот тенисер.
На Вимблдон, Ѓоковиќ ќе игра за својот осми трофеј и така би се израмнил со Роџер Федерер на еден од најголемите турнири во светот.
„Во претходниот период многу луѓе ми честитаа и ме потсетија на моите историски успеси и тоа е навистина убаво, но во исто време размислував и за Вимблдон кој е мојата следна задача“, додаде Новак.
Првиот меч Ѓоковиќ го игра во утрешниот термин од 14:30 часот.
Новак Ѓоковиќ брка историја, познато кога ќе го игра првиот меч на „Вимблдон“


