Германија: „Граѓанин на Рајхот“ планирал атентати на Ангела Меркел и Олаф Шолц
Федералното обвинителство објави апсење на маж за кој се тврди дека е член на организацијата „Граѓани на Рајхот“ и планирал обиди за атентат врз политичари, меѓу кои и поранешните канцелари Олаф Шолц и Ангела Меркел.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Според германските јавни мрежи, 49-годишникот, кој беше уапсен во понеделникот вечерта во Дортмунд, неодамна се обидувал да организира напади преку темната мрежа.
На веб-страницата што ја создал, наречена „Политика на атентат“, осомничениот го објаснил својот план: првично, истомисленици ќе мора да донираат пари во криптовалути како „награда“ на професионалци, кои потоа ќе се обврзат да убиваат „дисидентски“ политичари.
Мартин С., според приватната мрежа НТВ, е германско-полски државјанин и на својата веб-страница објавил „смртни казни“ што самиот ги изрекол, информации за „чувствителни лични податоци“ на потенцијални жртви, како и упатства за правење експлозиви.
Според „Шпигел“, на списокот на „осудени на смрт“ се наоѓаат повеќе од 20 имиња на политичари , меѓу кои и поранешните канцелари Олаф Шолц и Ангела Меркел, како и поранешни федерални министри.
Како што истакнува списанието, терминот „Политика на атентатот“ се однесува на текстот на радикалниот американски антивладин активист Џим Бел, кој во 1990-тите се залагаше за хипотетички онлајн пазар преку кој би можеле анонимно да се финансираат атентати на корумпирани владини функционери.
Властите го третираат случајот како „криминална шема за финансирање на тероризам“ и за ова одговорноста ја презеде федералниот државен обвинител Јенс Ромел.
Како што објави АРД, уапсеното лице им било познато на властите од 2020 година, кога како член на „Граѓани на Рајхот“, организација која не ја признава германската држава, учествувал во протести против мерките за ограничување на пандемијата.
Неговите најнови активности на Даркнет беа откриени од Федералната служба за заштита на Уставот.


