Герила акција: Џиновска крофна „гризната“ од корупција поставена на улица Македонија
На улица Македонија е поставена џиновска крофна со порака – Една четвртина од јавните пари се трошат на коруптивен начин. Станува збор за третата и последна герила акција од проектот „Младите луѓе во С.Македонија: Клучна алка во градењето општество без корупција“, која по Гостивар и Струмица, денеска се реализираше и во Скопје
Препорачано
Четвртината што недостасуваше од крофната симболично ја претставува дупката што корупцијата секојдневно ја прави во јавниот буџет – средства кои наместо за образование, здравство и инфраструктура, исчезнуваат во приватни џебови. Преку овој креативен и визуелно силен перформанс, јавноста беше повикана да размисли за реалните последици од корупцијата и да се вклучи во барање отчетност и транспарентност од институциите.

Акцијата е замислена и реализирана во соработка со уметникот Никола Писарев од Центарот за современи уметности – Скопје, кој со својата креативна експертиза придонесе за оригиналноста и јасната визуелна порака.
Проектот се реализира со поддршка на Zivik Funding Programme на Германското Сојузно Министерство за Надворешни Работи, преку ifa – Institut für Auslandsbeziehungen, во партнерство со Аналитика Тинк Тенк, ОЖС – Организација на жени од Струмица и ИГИ Гостивар.


