Генетичар од Исланд: Можно е да постојат луѓе кои се генетски отпорни на Ковид – 19

Меѓу многуте непознати поврзани со новиот корона вирус кои научниците ширум светот настојуваат забрзано да ги решат, високо на листата со приоритети е и прашањето на големиот распон во начинот на кој болеста се развива во организмот. Се повеќе студии покажуваат дека голем број заразени лица немаат воопшто или имаат благи симптоми.

Јапонските научници процениле, според состојбата на епидемиолошкиот статус одреден кај 565 државјани евакуирани од Вухан, дека во секоја популација на заразени лица би можело да постојат дури 30 отсто асимптоматични случаи.

Повеќе од 50 отсто на асимптоматски случаи биле регистрирани во Италија, откако извршиле тестирања на над 3 илјади жители на градот Во.

Неодамна весникот „Јужнокинески утрински печат“ објави дека имал увид во доверливи извештаи од кинеската Влада, каде било наведено дека повеќе од 43 илјади заразени до крајот на февруари немали никакви симптоми откако претходно биле тестирани.

Оваа, и сличните вакви проценки одат во прилог на теориите дека одредени држави, како Италија, вирусот непречено го ширеле со недели пред да стане јасно дека постои зголемена локална трансмисија.

Во научните кругови се погласни се претпоставките дека одговорот, покрај факторот години и имунитет, би можело да биде и генетиката.

Исланд, во моментов една од успешните земји кога станува збор за борбата со пандемијата, тестирала најголем процент од својата популација во однос на другите држави. Според последните податоци од вкупно 360 илјади жители тестирани се повеќе од 32.600. Од нив позитивни се 1.648, а починале 6 лица.

Веќе неколку дена со ред Исланд бележи се поголем број на излекувани отколку новозаразени лица, а држењето под контрола на ситуацијата владата го препишува  на интензивното тестирање на сите лица кои потенцијално биле во контакт со заболени од вирусот.

За разлика од другите земји, Исланд за време на тестирањето граѓаните ги подели на две групи. Тестирање на лица кои поради симптомите завршиле во болница и нивнити тестирање се одвива во кругот на болничкиот систем, додека генералното тестирање на жителите независно од симптомите или сомневања на болеста ги спроведуваат биофармацевтските компании.

Исландскиот невролог и генетичар, Кариј Стефансон, кој е познат по трагањето по генетски варијации на некои добро познати болести, дава многу интересни податоци за однесувањето на новиот корона вирус, а со цел да им помогне на надлежните полесно да ги откријат новите случаи.

Неговата компанија до крајот на март тестирала повеќе од 10 илјади лица, од кои 0,9 отсто биле позитивни. Според неговата теорија и претпоставка постојат голем број жители кои се асимптоматски и кои многу тешко би се откриле доколку нема раширено тестирање.

– И кај двете групи кои се тестираат на Исланд, оние кои биле изложени на заразата, како и кај останатите без очигледни врски со извор на зараза, постои одредена пристрасност во смисла на резултатите, вели Стефансон за „Jutarnji list“.

– Но, ако ги изоставите луѓето кои дошле во болница поради симптоми и погледнете врз општата популација, би рекол дека само 40 отсто од позитивните случаи позитивни на вирусот имаат некакви симптоми. Тоа може да укажува и на тоа дека голем број од заразените лица на самиот почеток немаат симптоми и истите ги развиваат подоцна, објаснува Сефансон.

Конечниот резултат од тестирањето на сите лица кои се во изолација бидејќи на некој начин биле во контакт со потенцијален извор би требало да дадат прецизен податок за бројот на асимптоматски случаи.

Стефансон истакнува дека сега веќе е јасно дека голем број од заразените немаат никакви симптоми.

Според него дефинитивно постои можност дека генетската разноличност е поврзана со ризикот во заразноста, односно дека постојат комбинации од секвенци на геноми кои вирусот го прават многу заразен и некои кои го прават помалку опасен.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот