ФОТО | „Тивко како шепот“: Компанијата што го произведува кранот употребен во грабежот во Лувр започна урнебесна кампања
Семејна компанија од Германија која произведува кранови ненамерно се најде во центарот на вниманието на светот, откако крадците кои извршија спектакуларен грабеж на накит во Лувр во Париз го искористија нивниот производ за да го добијат својот „плен“, пишува „Гардијан“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Компанијата „Бокер“ веднаш реагираше на новостекнатото внимание и започна кампања на социјалните мрежи, во која напиша нов слоган заедно со фотографии од кранот покрај Лувр: „Кога мора да се движите брзо“.
На објавите се гледа сега светски познатиот кран „Агило“ од нивниот асортиман, кој обично се користи за преселби, а кој крадците го користеле за да стигнат до прозорецот на Салата на Аполон во Лувр и да украдат накит од времето на Наполеон вреден 88 милиони евра.
Според компанијата, кранот може да крене до 400 килограми со брзина од 42 метри во минута – „тивко како шепот“.
Директорката за маркетинг Јулија Шарвац изјави дека таа и нејзиниот сопруг, Александар Бокер, се менаџери од третата генерација на семејниот бизнис и дека биле „шокирани“ што го препознале својот производ на фотографијата од спектакуларниот грабеж во Лувр.
„Ни стана јасно – о, Боже, ова е навистина срамен чин и тие го злоупотребија нашиот уред за да го извршат. Но, кога сфативме дека никој не е повреден, почнавме да се шегуваме и да смислуваме слогани што ни се чинеа смешни“, рекла Шарвац.
Таа додаде дека по вечерните вести, бројни вработени, деловни партнери, клиенти ги контактирале, а потоа решиле да „сторат нешто во врска со тоа“. До понеделник наутро, кампањата веќе била готова.
View this post on Instagram
Специфичната машина што била користена во грабежот била продадена во 2020 година на компанија во областа на Париз, која ја изнајмува на клиенти. Крадците неодамна се обратиле до француската компанија, изразиле интерес за користење на кранот, а потоа го украле за време на демонстрации – што сопствениците го пријавиле во полицијата минатата недела.
Компанијата „Бокер“, основана во 1958 година и позната по својот слоган „Мојот пат до врвот“, на својата веб-страница наведува дека работи „врз основа на традиција и иновации“. Денес има околу 600 вработени. Шарвац рече дека реакциите на новата кампања се одлични.
„Мислев дека објавата ќе стане донекаде вирална, но дека ќе резонира толку многу – неверојатно е. Нашите објави на Инстаграм обично достигнуваат до 15 до 20 илјади луѓе, а сега сме на 1,7 милиони. Лудо е“, рекла директорката.
Таа изјави дека 99 проценти од реакциите биле позитивни.
„Разбирам дека не е сечиј смисол за хумор, но повеќето од нив се забавуваат одлично“, додала таа.
Еден корисник на Фејсбук напиша дека маркетинг тимот на компанијата „заслужува зголемување на платата“. Други, пак, сметаат дека ПР кампањата е „невкусна“.
Сè уште не е познато дали нивната нова кампања ќе се исплати, но Шарвац вели дека оваа недела веќе пристигнале неколку барања за кранот.


