Сликата Света Ана со Марија и Исус/Фото: Bridgeman Images via AFP / AFP / Profimedia

ФОТО | Сликата „Света Ана со Марија и Исус“, која паднала во рацете на нацистот Геринг, е вратена на потомците на сопственикот

Ренесансната слика, која нацистите ја одзеле од еврејскиот колекционер и банкар Ернст Магнус, Баварската покраинска галерија на слики им ја вратила на потомците, пренесoа медиумите повикувајќи се на агенцијата ДПА.

Станува збор за сликата „Света Ана со Марија и Исус“ од училиштето на познатиот уметник Лукас Кранах постариот, која, според наводите на галеријата, настанала помеѓу 1522 и 1525 година. На неа е прикажана Света Ана со ќерката Марија и малиот Исус.

Ернст Магнус (1871–1942) потекнувал од Хесен и долго време живеел во Хановер. Тој бил банкар, член на управата на берзата и од 1914 до 1933 година член на надзорниот одбор на „Континентал Гуми Верке АГ“.

Во 1935 година, семејството избегало од нацистите во Лозана. За да го финансираат понатамошното патување до Куба, тие морале да ги продадат уметничките дела што ги понеле со себе во Швајцарија.

Така, „Света Ана со Марија и Исус“ во 1941 година преку трговец со уметнички дела стигнала до високиот нацистички функционер и воен злосторник Херман Геринг.

Сликата Света Ана со Марија и Исус/Фото: Bridgeman Images via AFP / AFP / Profimedia

Магнус починал во февруари 1942 година, неколку месеци по пристигнувањето во Хавана, а неговата сопруга и ќерка потоа отишле во САД.

Семејството во 2009 година побарало враќање на сликата, која станала дел од покраинската колекција во 1961 година. Барањето за реституција тогаш било одбиено.

Проблемот бил во тоа што станувало збор за „имот на бегалци“.

„Продажбите во Швајцарија во текот на нацистичкиот период често е тешко да се класифицира, бидејќи од една страна се вршеле под формално слободни пазарни услови, но од друга страна често биле диктирани од егзистенцијалните притисоци“, вели Баварската галерија.

Сега Арбитражниот суд за имот ограбен од нацистите јасно ги дефинирал, проширил критериумите и создал законски услови за реституција, рекол баварскиот министер за култура Маркус Блуме.

Во галеријата рекле дека сега повеќе се ценат економските невољи на емигрантите поради прогонството. Се признава дека и надвор од Германија можело да има присилни откупи.

Кустосот на колекцијата, Антон Библ, ја нарекол одлуката за враќање на сликата важен сигнал.

„На жртвите на нацистичката неправда и на нивните потомци им должме нивните приказни да ги направиме видливи и да најдеме праведни решенија“, рекол Библ.

 

 

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот