ФОТО | Ранец со марихуана и пари по грешка дониран во хуманитарна продавница на Нов Зеланд
Двајца тинејџери по грешка оставиле ранец во кој имало марихуана и готовина во просторот за донации пред една хуманитарна продавница на Нов Зеланд, по што во паника се вратиле да си ја земат торбата, соопшти полицијата, пренесува „1 Њуз“.
Препорачано

Волонтер во продавницата најпрво почувствувал силен мирис, а потоа го отворил ранецот и пронашол пластични кеси со вкупно 43,2 грама марихуана, како и 3.700 новозеландски долари во готовина.
Рекреативната употреба и продажбата на марихуана на Нов Зеланд се нелегални. Одредена медицинска употреба е дозволена само со лекарски рецепт.
Инцидентот се случил на 18 февруари во регионот Саутленд, на Јужниот Остров. Портпаролот на полицијата не сакал да ја открие точната локација на продавницата со цел да го заштити персоналот.
Според полицијата, момчето и девојката го оставиле ранецот пред продавницата додека чекале нивното возило да биде сервисирано во блиска работилница. Полицијата била повикана откако вознемирените тинејџери се вратиле во продавницата барајќи ја торбата.
Во нивниот автомобил полицијата пронашла и воздушен пиштол, кој малолетници не смеат да го поседуваат без дозвола и надзор од возрасно лице, полициски приемник за следење на комуникации, како и дополнителна количина готовина. Поседувањето ваков приемник на Нов Зеланд не е незаконско, но кривично дело е да се споделуваат или користат информациите што се слушаат преку него.
Полицијата не објави детали за обвиненијата против уапсените тинејџери ниту дали тие веќе се појавиле пред суд.
На Нов Зеланд важат строги правила за известување за случаи пред Судот за млади, пред кој најчесто се водат постапки против лица помлади од 17 години.


