ФОТО | Прва „Бубамара“ без тебе до мене: Ана Костадиновска со тага се сети на Сара Пројковска
Пејачката Ана Костадиновска поминува низ тежок и тажен период откако ја загуби својата најблсика пријателка Сара Пројковска. И двете беа придружни вокали на „ДНК“, вечерта на 16 март лани во Кочани кога Сара загина во пожарот.
Препорачано
Вчера се одржа 29. „Златна бубамара на популарноста“. На сцената беа речиси познати музичари од претходните изданија, но недостасуваше Сара на сцената, која секогаш ги пееше придружните вокали со Ана.
Ана пред почетокот на манифестацијата сподели нивната заедничка слика на Инстаграм од претходно издание на шоуто и напиша: „Прва ‘Бубамара’ без тебе до мене“.

Ана во интервју за „Слободен печат“ зборуваше за тоа колку ѝ било тешко да ѝ се врати на музиката по големата загуба, но рече и дека пеењето е нејзин најдобар лек отсекогаш.
– Сара беше прекрасна личност, жена-светлина. Секој миг поминат со неа ми ја грее душата. Тука е и секогаш ќе биде, сѐ додека дишам и постојам. Пеењето секогаш ми било единствен лек за секоја душевна болка. Но, секако не беше лесно враќањето на сцена. Среќна сум дека се случи покрај Каролина, која беше можеби единствениот човек покрај кој беше можно да запеам во тој момент. Таа е моја и на Сара долгогодишна пријателка, со која имаме навистина посебна врска – рече Ана Костадиновска.
– Другарите од „ДНК“ се моето второ семејство и ќе бидат засекогаш. Нашата приказна беше најубава во секој сегмент од нашето заедничко делување – додаде професорката по пеење.
Ана Костадиновска, професорка по пеење во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, за само три години ги загуби своите најблиски личности. Во февруари во 2022 година почина нејзиниот сопруг Бобан, по само неколку месеци тешко боледување. Нешто повеќе од една година потоа, во јули во 2023 година таа го загуби татка си, легендарниот композитор Кире Костов, кој почина на 75 години.


