ФОТО | Ова е најпопуларниот „жител“ на Братислава: Тој ги исполнува желбите на туристите, но само ако исполнат еден посебен услов
Во срцето на историското јадро на Братислава, речиси три децении стои еден од најпознатите жители на словачката престолнина – бронзениот Чумил, симпатичниот работник кој ѕирка од шахтата и ги фасцинира туристите, пишува „Путни кофер“.
Препорачано
Поставен во 1997 година на раскрсницата меѓу улиците Лауринска и Панска, споменикот е дело на словачкиот скулптор Виктор Хулик. Неговата идеја била едноставна: да ја разбие сивата, монотона архитектура што ја оставила комунистичката ера и да внесе живот и ведрина во градот кој штотуку чекорел кон независност. И успеал. Чумил станал не само најфотографираниот лик во Братислава, туку и симбол на нејзиниот нов, насмеан дух.
Со својата бронзена глава која излегува од канализациската шахта и широката насмевка, тој секојдневно ги привлекува туристите што легнуваат до него или седнуваат на неговата глава за фотографија. Неговата популарност, сепак, донела и мали незгоди: пешаците често се сопнувале, а неколку пати и возачи му ја „собрале“ главата, поради што властите морале да постават предупредувачки знак покрај споменикот.

На словачки, зборот „чумил“ значи набљудувач. Но зад овој бронзен лик се крие емотивна приказна. Според локалната легенда, тој бил инспириран од вистински чистач кој се заљубил во убава девојка. Таа, дознавајќи со што се занимава, не се осмелила да го одбие лице в лице, туку ветила дека ќе се сретнат на кафе, состанок кој никогаш не се случил. Несреќно вљубениот човек ја чекал секој ден на истото место, сè додека не починал од тага. Во негова чест, градот го поставил споменикот и отворил мало кафуле во близина, каде денес посетителите пијат кафе во негово име.
Денес, Чумил е една од најголемите атракции на Братислава. Неговата бронзена глава блеска од илјадниците раце што ја допреле, бидејќи според верувањето, ако ја допрете и си посакате желба, таа ќе се исполни, но само ако ја чувате во тајност.


