ФОТО I Биографија на новиот претседател на САД: Џо Бајден – скромен политичар со вредно искуство во Белата куќа

Фото: EPA-EFE/ANDREW HARNIK / POOL

Во младоста Бајден бил капетан во неговиот клас, успешно играл американски фудбал за тимот на колеџот, а играл и бејзбол. Според неговите мемоари, во тие години тој имал проблем со силно пелтечење, но можел да се справи со него читајќи стихови пред огледало.

Постариот син на Бајден, Бо, правник и јавен обвинител на сојузната држава Делавер, во мај 2015 година починал од рак на мозокот. Оваа трагедија влијаеше на одлуката на Бајден да се откаже од номинација на своја кандидатура за претседател, против Трамп, на изборите во 2016 година.

Фото: EPA-EFE/ANDREW HARNIK / POOL

Бајден, поранешен потпретседател на претходникот на Трамп, Барак Обама, долгогодишен сенатор и претседавач на комисијата за надворешна политика, има повеќедецениско надворешнополитичко искуство. Аналитичарите сметаат дека неговата победа на изборите носи рестартирање на традиционалните американски сојузништва, пред сѐ во Европа и Источна Азија.

За време на кампањата одбележана со пандемијата на новиот коронавирус, Бајден се претстави како поборник за науката и вети доделување милијарди долари за истражувања поврзани со борбата против вирусните заболувања како ковид-19.

Џозеф Робинет Бајден Помладиот е роден на 20 ноември 1942 година во гратчето Скрантон, Пенсилванија, во англиско-ирско католичко семејство, како најстар од четирите деца. Има сестра, Валери Бајден Овенс, и двајца браќа, Френсис Вилијам „Френк“ Бајден и Џемјс Брајан „Џим“ Бајден. Сестра му Валери е еден од неговите главни соборци, менаџер на сите негови изборни кампањи, од првата за во Сенатот во 1972 година, до претседателските избори во 2020 година.

Фото: EPA-EFE/Robert Deutsch / POOL

Бајден завршил основно и средно образование во католичкото училиште „Света Елена“ во Вилмингтон, а потоа се запишал на католичкиот колеџ „Арчмер“ во Клејмонт, Делавер. Бил капетан во неговиот клас, успешно играл американски фудбал за тимот на колеџот, а играл и бејзбол. Според неговите мемоари, во тие години тој има проблем со силно пелтечење, но можел да се справи со него читајќи стихови пред огледало, пренесува МИА.

Во 1965 година Бајден завршил на Универзитетот Делавер, дипломирал историја и политикологија. Во 1968 година завршил правен факултет на Универзитет Сиракуза и почнал да работи како правник во Делавер.

Семејна трагедија

Во текот на универзитетските денови се запознал со својата прва жена, Нејла Хантер. Стапил во брак со неа во 1966 година и од тој брак имаат три деца: Бо, Хантер и Наоми. На 18 декември 1972 година Нејла и Наоми загинале во автомобилска несреќа, Бо и Хантер, кои исто така биле во колата, останале повредени. Во тој момент Бајден штотуку бил избран за сенатор и планирал да се откаже од функцијата за да биде со синовите, но се предомислил.

Во 1977 година Џо Бајден се оженил за учителката по англиски јазик Џил Трејс Џејкобс. Од тој брак ја имаат ќерката Ешли.

Фото: EPA-EFE/JIM LO SCALZO

Постариот син на Бајден, Бо, правник и јавен обвинител на сојузната држава Делавер, во мај 2015 година починал од рак на мозокот. Оваа трагедија влијаеше на одлуката на Бајден да се откаже од номинација на своја кандидатура за претседател, против Трамп, на изборите во 2016 година.

Бајден, поранешен потпретседател на претходникот на Трамп, Барак Обама, долгогодишен сенатор и претседавач на комисијата за надворешна политика, има повеќедецениско надворешнополитичко искуство. Аналитичарите сметаат дека неговата победа на изборите носи рестартирање на традиционалните американски сојузништва, пред сѐ во Европа и Источна Азија.

Споделување вредности

Досегашните негови изјави и интервјуа укажуваат на тоа дека тој ќе се стреми кон „соработка со другите држави што ги споделуваат американските вредности и цели, а тоа ја прави Америка побезбедна и поуспешна“.

Тој најави дека во текот на првата година од неговиот мандат во Белата куќа, ќе биде домаќин на голем самит за демократија и тоа го истакна неколкупати. Тој ќе бара од владите да се обврзат на нови акции во борбата за човековите права, против корупцијата и авторитарните режими, и тоа би било свртување во споредба со попустливоста на Трамп спрема, како што посочуваат некои од американските медиуми, диктаторите и корумпираните владетели како што се Сји Ѓинпинг, Владимир Путин, Ким Џонг-ун, Реџeп Таип Ердоган или Жаир Болсонаро.

Фото: EPA-EFE/MARIO CRUZ

Џо Бајден е претставник на Демократската партија, а нејзини истакнати првенци како гувернерката на Мичиген, Гречен Витмер, и градоначалникот на американската престолнина Вашингтон, Мјуриел Баузер, годинава ги прогласија македонските празници Илинден и Денот на независноста како денови на македонско-американското пријателство, кои ќе се одбележуваат секоја година.

Посветеноста на Бајден на интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ, ја потврди и Хојт Ји, поранешен заменик-помошник државен секретар, кој сега е дел од изборниот штаб на демократскиот претседателски кандидат.

Враќање кон науката

За време на кампањата одбележана со пандемијата на новиот коронавирус, Бајден се претстави како поборник за науката и вети доделување милијарди долари за истражувања поврзани со борбата против вирусните заболувања како ковид-19. Тој доби поддршка од целата научна заедница на САД, која обично е аполитична и не се меша во избори. Бајден повика на задолжително носење маски и достапно тестирање за секого. Тој повика и да се одржуваат дневни ковид-19 брифинзи во обид да се запре напливот од дезинформации за зауздување на вирусот.

Бајден се постави и како поборник на имиграцијата во САД. Вети дека ќе стави крај на нехуманото раздвојување на бегалските семејства на јужната граница на САД, повика на запирање на изградбата на ѕидот кон Мексико, на враќање на законот ДАКА (за интеграција во општеството на децата донесени од Јужна Америка), укинување и на забрана за патување на муслиманите во САД, како и други олабавувања на строгата имиграциската политика на САД воведена за време на Трамп.

Во врска со здравственото осигурување, тој вети одбрана и надградба на законот за општо здравство „Обамакер“, еден од најголемите успеси од времето на Барак Обама. Најави и други промени како забрана за поднесување ненајавени сметки за здравствени услуги и намалување на цените на лековите.

Темелни реформи

Покрај овие политики, Бајден ќе охрабри сеопфатни законски реформи во однос на полицијата и судовите, националната безбедност и социјалната еднаквост, како и драстично свртување во полза на климатските промени, кои досегашната Бела куќа ги негираше, што резултираше со напуштање на Парискиот договор.

За време на кампањата, Бајден промовираше индустријата да се префрли на чиста енергија, намалување на зависноста од јаглеводородни енергенси како нафта и гас, нови мандати за намалување на издувните гасови.

Сепак, главниот фокус на новата Администрација ќе биде подигање на економијата, заздравување на односите со сојузниците од ЕУ и од НАТО, и поцврста надворешната политика посебно во однос на Кина и Русија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот