ФОТО | Да наздравиме за 2026: Новогодишни коктели од бармените на „Бонобо“
Хај-фај барот „Бонобо“, сместен во центарот на Скопје, е место каде што пијалакот, храната и музиката функционираат како едно целосно искуство. Со внимателно осмислен ентериер, зеленило и атмосфера што се менува во текот на денот – од утринско кафе и бранч, до вечерни винил-сетови и квалитетни пијалаци – „Бонобо“ се наметна како простор во кој секој дел од денот има свој ритам.
Препорачано
Во рамки на новогодишниот серијал на „Слободен печат“, овојпат ги издвојуваме коктелите од „Бонобо“ – рецепти инспирирани од нивниот пристап кон пијалакот, доволно едноставни за подготовка и идеален избор за дочекот на 2026 година во домашна атмосфера.
„Ла долче серената“
Потребни состојки:
- 30 мл Италикус бергамото
- 20 мл Рамацоти аперитиво
- 20 мл сок од лимета
- Швепс битер лемон – за дополнување
Подготовка:
Во висока чаша исполнета со мраз се додаваат сите состојки и лесно се промешуваат.
Декорација:
- Свежи малини во чашата
- Гранче копар одозгора

„Гејша“
Потребни состојки:
- 40 мл јапонски џин
- 20 мл сируп од личи
- 30 мл зелен чај
- 20 мл сок од лимета
- 20 мл белка од јајце
Подготовка:
Сите состојки се ставаат во шејкер и најпрво се шејкаат без мраз за да се создаде фина пена. Потоа се додава мраз и повторно се шејка неколку секунди. Коктелот се процедува во коктел-чаша.
Декорација:
- Дехидрирана пудра од лимета

„Ла долче серената“
Потребни состојки:
- 40 мл скоч виски
- 20 мл амаро ликер
- 10 мл пире од маракуја (пешн фрут)
- 10 мл сируп од цимет
- 15 мл сок од лимета
- мало парче ѓумбир
- 20 мл белка од јајце
Подготовка:
Во шејкер најпрво се гмечи ѓумбирот, по што се додаваат сите останати состојки. Се шејка без мраз за да се добие пена, потоа со мраз и повторно се шејка. Коктелот се процедува и се сервира во олд фешнд чаша.
Декорација:
Искршено стапче цимет

БОНОБО, општествено одговорен угостителски објект во центарот на Скопје


