ФОТО | Цела Македонија на концерт на Здравко Чолиќ во Крива Паланка: Земете си шатор ако сакате да преспиете овде
Цела Крива Паланка сношти, а и претходните денови беше во знакот на Здравко Чолиќ, балканската поп-ѕвезда кој одржа концерт на Градскиот стадион, во рамките на фестивалот „Џојфест“.
Препорачано

Во рестораните и во кафулињата во Паланка се слушаше само музика од Здравко, а ова беше најполниот празничен викенд во градот. Место за ноќевање не можеше да се најде недели порано, сите сместувачки капацитети беа полни, и не само во Крива Паланка, туку и во околните села, а многумина што не најдоа место во Паланка, се сместија во Кратово.

Здравко Чолиќ и неговиот тим беа сместени кај рибникот во селото Гиновци. Со оглед на тоа дека Чолиќ е познат како голем љубител на природата, сместувањето надвор од градот му годело.
– Кога доаѓам во Скопје, знам често да преспијам надвор од градот. Порано се сместував најчесто на Водно, сакам наутро да прошетам во природа и во шума, па така и овој пат ни беше убаво, на екипата и мене – ни изјави Чолиќ.

Речиси 30.000 луѓе дојдоа да го гледаат Чола, а полно беше сѐ и околу стадионот, фестивалот што го организираше Општина Крива Паланка беше празник за градот.

– Здравко доаѓа, Голема Богородица е, ако сакате вечeрва да спиете тука, земете си шатор – се пошегува еден локалец додека се пробивавме низ толпата на преполниот стадион пред неговиот концерт.
А Чола е како старо вино, колку е постар, толку е подобар. Многумина се чудеа, а добар дел не беа изненадени од неговата младешка енергија – скокање на сцената, трчање по сцената, неговите специфични сценски движења, поздравување со публиката.

Најверните, од првите редови, му подаруваа мечиња, а тој им возвраќаше со насмевка.
Делуваше како вистинска ретро-слика од седумдесеттите, кога Чолиќ последен пат бил во Паланка, а сепак еден реален момент од сегашноста. Овој град го чекаше 50 години и го пречека со голема топлина и весела публика, дојдена од цела Македонија и од регионот.
– Во Крива Паланка сум бил во 70-тите години, на самиот почеток на мојата кариера. Настапував заедно со Маја Оџаклиевска и Кемал Монтено. Во тоа време работевме и патувавме многу, особено на југот на поранешна Југославија. Крива Паланка е историски град, кој го паметам по прекрасниот манастир и мислам дека е дел од регионот познат по рударството – изјави Чолиќ пред концертот.
Концертот траеше три часа, а го збогати неговата танчарска група и одличното женско гудачко трио, кое на паузата, додека Здравко се одмораше, свиреше дел од неговите хитови.

Втората вечер од десеттиот јубилеен „Џојфест“ ја отвори одличниот концерт на „Нокаут“, а по Чолиќ, настапи диџејот Галовски. Вокалот на „Нокаут“ Никола Перевски- Пере зад сцената ни рече дека му е драго што се фотографирал со Здравко и уште помило што Чолиќ прв му пришол да се поздрават и посакал да се фотографираат.
Во Паланка во неделата одлични настапи имаа дуото ДНК, групата „Фикшн“ и црногорскиот канатвтор Владо Георгиев, кои исто така го наполнија стадионот до последно место.


