ФОТО | 30.000 луѓе во 350 згради: Мрачниот град без закони, на чии покриви децата играа фудбал, а возрасните сушеа алишта
Сè до 1994 година во Хонгконг постоел мал, но неверојатно густо населен дел од градот кој изгледал како сцена од дистописки филм. Станува збор за Коулун, место толку пренатрупано што било тешко да се замисли дека неговите жители воопшто можеле да живеат во такви услови.
Препорачано
Предизвикувал љубопитност и страв
Овој необичен „град во град“ бил познат како град на темнината, а во еден момент во него живееле повеќе од 30.000 луѓе, сместени во само 350 станбени згради, и тоа на површина од 0,026 квадратни километри. Зградите биле натискани една до друга, тесните премини биле мрачни, а целото подрачје долго време било надвор од вистинска контрола на властите.
Градот бил преполн со ѓубре, често поврзуван со криминал и речиси апсолутна анархија. Историчарите истакнуваат дека Коулун кај многумина предизвикувал и љубопитност и страв, а малкумина се осмелувале да го посетат.

Се проценува дека во градот имало околу 300 меѓусебно поврзани покриви каде што децата играле фудбал, а возрасните сушеле алишта или ги набљудувале авионите што слетувале на блискиот аеродром.
Иако подоцна станал синоним за беззаконие, Коулун на почетокот имал сосема поинаква улога. Бил основан во 1668 година како кинеска воена станица на полуостровот Коулун.
Ситуацијата се променила по Првата опиумска војна, кога во 1843 година Хонгконг паднал под британска колонијална власт. Сепак, утврдениот град опкружен со ѕидини, топови и стражарски кули останал под кинеска управа.
Правен вакуум
Во 1898 година Велика Британија и Кина потпишале договор со кој Хонгконг ѝ бил даден под 99-годишен наем на британската круна. Иако поголемиот дел од територијата преминал под британска контрола, Коулун останал правно нејасно подрачје.
Набргу и Британија и Кина почнале да полагаат право на градот, што создало административен хаос. На крајот, всушност, ниедна власт целосно не го контролирала.
Политичките немири во Кина на почетокот од 20 век дополнително ја промениле судбината на градот. По падот на династијата Кинг во 1912 година и за време на кинеската граѓанска војна, илјадници бегалци пристигнале во Хонгконг, а многумина нашле засолниште токму во Коулун. Бројот на жители за само неколку децении пораснал од неколку стотици на десетици илјади луѓе.

Синоним за беззаконие
Од 50-тите до 80-тите години, кинеските криминални групи имале значително влијание во градот, па Коулун станал легло на проституција, дрога и коцкање, но мнозинството жители не биле вклучени во нелегални активности. Жителите на градот живееле во своевиден правен вакуум. Ниту колонијалната власт на Хонгконг ниту кинеската влада не управувале со градот.
И покрај тоа што бил рај за криминал, жителите се обидувале да го подобрат животниот стандард и да создадат место каде што нивните деца ќе можат да живеат побезбедно. За жал, тоа не се остварило бидејќи во 1987 година бил донесен план за уништување на градот.
До крајот на 1994 година Коулун бил целосно урнат, а само една година подоцна бил отворен истоимениот парк – кој денес е популарна туристичка дестинација.
И покрај сиромаштвотот и криминалот, за многуми тој необичен лавиринт од згради сепак бил дом. Наследството на „градот на темнината“ останало силно долго по неговото рушење, а Коулун сè уште се смета за еден од најнеобичните урбани феномени во историјата.


