ФОП: Потврдена е пријавата за случајот со Арбреша Беџети Ферати, Универзитетот во Тетово е казнет со 2.500 евра, ректорот со 750
Форумот за образовни промени (ФОП) соопштува дека е потврдена нивната пријава за случајот со Арбреша Беџети Ферати, сопруга на претседателот на Сенатот на Универзитетот во Тетово, за која претходно објавија дека била унапредена во редовна професорка.
Препорачано
Од ФОП посочуваат дека Универзитетот во Тетово е казнет со 2.500 евра, додека ректорот Јусуф Зејнели – за кој обвинија дека цел синџир на законски прекршувања се случил во негово време – казнет е со 750 евра.
„А со членовите на рецензентската комисија Невзат Елези, Неџбедин Беадини и Жаклина Цаковска ќе се занимава судот. Академските криминалци и обичните бандити имаат нешто заедничко — ниту еден од нив не признава дека го сторил злосторството. Просветниот инспекторат констатираше дека 8 дена по утврдувањето на прекршувањата, Универитетот не постапил по нивните упатства, односно не го прогласил конкурсот за неважечки и не ја повторил постапката од почеток“, соопштува ФОП.
Од таму велат дека „тврдоглави за своите дејствија“ и како „несоработливи се покажаа“ членовите на Рецензентската комисија Невзат Елези, Неџбедин Беадини и Жаклина Цаковска.
„Никој од нив на 22 мај, не се појави пред комисијата формирана од Министерството за образование и наука, каде што требаше да ги потпишат казните од по 1.000 евра за секој“, забележуваат од Форумот.
Оттаму велат дека сè уште ништо не е завршено.
„Кенан Ферати продолжува да ја држи функцијата претседател на Сенатот, и покрај тоа што овој случај сè уште нема епилог, а неговото име е вклучено во досието. Изворите на ФОП дознаваат дека Просветниот инспекторат поднел претставка до Државната комисија за спречување на корупција за потенцијален конфликт на интереси и злоупотреба на службената должност. Управниот суд ќе се занимава со (не)законитоста на одлуката на Сенатот, потпишана од тогашниот претседател на Сенатот, Куштрим Ахмети — актуелен кандидат за ректор — со која на Арбреша Беџети Ферати ѝ се признава звањето стекнато на извесен универзитет во Белград, Србија, без да се провери дали кандидатката ги исполнувала задолжителните законски услови“, велат од ФОП.
Воедно, посочуваат дека Просветниот инспекторат веќе има поднесено предлог-тужба за ова.
„Ние нема да стоиме со скрстени раце. Додека внимателно го следиме епилогот на овој случај, го повторуваме нашето долгогодишно барање за ветинг во високото образование — тоа е единствениот начин да се спасат институциите од крадците и академските криминалци кои секојдневно произведуваат функционално неписмен кадар, а на сопствените банкарски сметки — вртоглава сума на пари“, стои во соопштението на ФОП.
Форумот за образовни промени претходно објави дека Арбреша Беџети Ферати била унапредена во редовна професорка, со што, како што рекоа, прекршени се 15 законски и статутарни одредби. Истовремено, од организацијата побараат Јавното обвинителство да покрене истражна постапка, бидејќи како што наведоа, станува збор за „добро организирана шема“.
По откривање на случајот, од ФОП се пожалија дека платформите и личните профили на тимот станаа цел на кампања за заплашување, закани и оцрнување. Воедно, едно лице, преку лажни профили, но и од сопствениот профил, испратил и навредливи и заканувачки пораки до членовите на семејството на извршниот директор на ФОП, Бленди Ходаи.
„Колку повеќе се закануваат, толку појасно станува дека сме допреле нешто што ве боли. Вистината ќе ја извадиме до крај.“, напиша активистот Ходаи.


