Сопругата на претседателот на Сенатот на Универзитетот во Тетово е незаконски унапредена во професорка, реагира ФОП

Од организацијата бараат Јавното обвинителство да покрене истражна постапка, бидејќи како што наведуваат, станува збор за „добро организирана шема“.

Форумот за образовни промени (ФОП) реагираше дека Арбреша Беџети Ферати, сопруга на претседателот на Сенатот на Универзитетот во Тетово, била унапредена во редовна професорка, со што, како што тврдат, прекршени се 15 законски и статутарни одредби.

„Случајот што го пријавуваме јасно покажува како постојаното мобилизирање на синџирот, на роднини по крв и оние по интерес, надвладеа над Законот, Статутот и секое друго пишано правило. Малку се органите во рамките на Универзитетот во Тетово кои не се вклучени во ова противзаконско академско унапредување. Овој случај е показател дека процесот на унапредувањата повеќе нема никаква врска со тоа колку знаеш, туку кого познаваш“, нагласија од ФОП.

Според Форумот, спорното унапредување на Арбреша Беџети Ферати го покажува и извештајот од Државниот просветен инспекторат.

„Ова го овозможиле неколку органи, меѓу кои и Наставно-научниот совет на Медицинскиот факултет, Сенатот на Универзитетот во Тетово и Рецензентската комисија“, соопштија тие и испратија своја визуелизација со хронологија.

Визуелизација ФОП

Од Форумот посочуваат, дека Сенатот уште во 2022 година, го признал звањето „вонреден професор“, кое Ферати го стекнала во Белград,  без да провери дали таа ги исполнува задолжителните законски услови.

Во 2025 година пак, деканот на Медицинскиот факултет, Невзат Елези, без законска надлежност, објавува конкурс за избор во академското звање „редовен професор”, каде се барале кандидати за 3 научни области, наместо за 1 како што предвидува законот. На конкурсот аплицирала само Арбеша Беџети Ферати, рекоа од ФОП.

Исто така, од ФОП посочуваат дека рецензентската комисија не била составена согласно законските услови, бидејќи ниту еден од тројцата членови не бил од соодветната област, од социјална медицина, додека еден од нив бил од областа на биологија, која, како што наведуваат, не припаѓа во општа медицина.

„Сагата на законските прекршувања продолжува со формирањето на Рецензентската комисија во состав: Невзат Елези, Жаклина Цековска и Нехбедин Беадини, кои требале да гласаат за или против унапредувањето на Арбреша Беџети Ферати. Додека законот бара релевантно мнозинство, односно 2 од 3 членови на Рецензентската комисија да бидат од областа за која се избира кандидатот, ниту еден од нив не припаѓал во областа на социјалната медицина и областа именувана како „друго”, додека еден од 3-те членови бил од областа на биологијата, што воопшто не припаѓа во општа медицина“, се вели во соопштението.

Дополнителни неправилности, според ФОП, се утврдени и во рефератот на комисијата. Како доказ за претходен избор на кандидатката бил наведен билтен, но при проверка на документот било констатирано дека во него се наоѓа името на нејзиниот сопруг, Кенан Ферати, актуелен претседател на Сенатот на Универзитетот во Тетово.

За ФОП, најзагрижувачки е тоа што Ферати не приложила докази за завршен втор циклус на студии, а во рефератот недостасувале и информации за усогласеноста на нејзиниот докторат со областа за која конкурирала.

„И покрај тоа што комисијата не утврдила исполнување на условите во ниту една од трите области опфатени со конкурсот, сепак предложила кандидатката да биде избрана за редовен професор“, велат од Форумот.

Наставно-научниот совет на 8 април 2026 година донел одлука за избор на Арбеша Беџети Ферати во звање редовен професор, иако, како што посочуваат од ФОП, истиот ден била започната инспекциска постапка која траела седум дена.

Од ФОП го повикуваат актуелниот ректор на Универзитетот во Тетово, Јусуф Зејнели, да соработува со инспекциските органи, наведувајќи дека, според нивни информации, тој одбил да го потпише записникот од извршената инспекција.

„Дополнително, Зејнели мора да сноси одговорност за тоа што целиот овој синџир на законски прекршувања се случил токму во времето кога тој раководи со универзитетот“, стои во соопштението.

Исто така, од ФОП бараат Јавното обвинителство да покрене истражна постапка, бидејќи како што наведуваат, станува збор за „добро организирана шема“.

Тие бараат итно поништување на изборот на Ферати во звање, како и Државниот просветен инспекторат да утврди дали таа воопшто ги исполнува условите за избор, најпрво во звањето вонреден професор. Воедно, бараат нејзиниот сопруг, Кенан Ферати, да биде разрешен од функцијата до завршување на случајот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот