Фондацијата „Трајче Мукаетов” додели 39 нови стипендии за учебната 2020/21
Фондацијата „Трајче Мукаетов“ тринаесетта година по ред доделува стипендии на студенти на Фармацевтскиот и од Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје. Според објавениот јавен конкурс, изборот на стипендистите за учебната 2020/2021 година е усвоен од Управниот одбор на Фондацијата, по предложената прелиминарна листа од Комисиите за распределба на стипендии во чиј состав членуваа претставници од Фондацијата, од двата факултета, како и претставници од редовите на студентите.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Годинава се доделени 39 нови стипендии, од кои 19 за студенти на Фармацевтскиот и 20 за студенти на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје. Еднократната парична награда во висина од 1.200 евра во денарска противвредност, која Фондацијата ја доделува единаесет години по ред за првенците на генерациите на двата факултета, годинава им припадна на Тамара Иваноска од Фармацевтскиот факултет (со просек 9,85) – стипендист на Фондацијата „Трајче Мукаетов“ и на Ева Палчевска од Медицинскиот факултет (со просек 9,91).

– Навистина ми е драго што Фондацијата „Трајче Мукаетов“ и компанијата „Алкалоид“ и во вакви специфични услови на функционирање на образовниот процес продолжија со поддршката на талентирани студенти по фармација и по медицина. Иако годинава доделувањето на стипендиите се случува во време на пандемија, ние како компанија сме одлучни да го продолжиме стимулирањето и наградувањето на студентите. Лично се надевам дека бенефициите од Фондацијата за идните фармацевти и доктори по медицина ќе бидат мотив повеќе за испорачување уште подобри резултати и уште повисоки идни дострели во областа на македонското здравство и фармација – изјави Живко Мукаетов, претседател на Фондацијата „Трајче Мукаетов“ и генерален директор на компанијата „Алкалоид АД Скопје“.

Почнувајќи од учебната 2007/08 година, Фондацијата стипендира/ше вкупно 539 студенти по фармација и по медицина, вклучувајќи ги и новите 39 во учебната 2020/2021. Од 2009 година до денес, својата кариера во „Алкалоид“, во одделите на сегментот Фармација, ја започнале 87 од стипендираните студенти на Фондацијата. Стипендијата изнесува 6.500 денари во текот на 12 месеци, а заклучно со 30.10.2020 година, преку Фондацијата „Трајче Мукаетов“ е исплатен износ од 99.947.500 денари на стипендистите и на првенците на генерацијата.
(Комерцијален текст)


