Фото: Промо

Филмот „Мајка“ на Теона Стругар Митевска овој месец ќе се прикажува во 230 киносали во Франција

Филмот „Мајка“, најновото остварување на Теона Стругар Митевска, од 3 декември официјално почнува со дистрибуција во Франција. Премиерата во Париз помина со исклучителен интерес.

„УЦГ Берси“ беше целосно распродаден, а проекцијата во „Пате конвеншн“ се одржа со висока посетеност, што го потврдува зрелиот интерес на француската публика.

Во рамките на промотивната турнеја, филмот беше претставен пред водечките француски медиуми меѓу кои „Телерама“, „Еуроп 1“, „ИНА“, „ЕЛ“ и „Журнал д Диманш“, со силно позитивни критики. Критичарите ја истакнуваат тематската длабочина, авторската зрелост и уметничката актуелност на филмот.

Само во октомври и ноември „Мајка“ беше прикажан на 26 меѓународни фестивали каде доби значајно внимание и позитивни оценки од стручните жирија. Филмот е веќе продаден за дистрибуција во повеќе од 40 земји, што сведочи за неговиот силен глобален досег.

Особено пофалени се актерските интерпретации. Номи Рапас се издвојува со една од нејзините најсилни изведби, а Никола Ристановски носи суптилен и емотивно комплексен настап кој остави длабок впечаток меѓу европските гледачи и критичари.

Филмот е потврден за прикажување во 230 киносали во првите две недели, во комбинација од arthouse простори и големи комерцијални кина. Дополнително, 600 киносали низ Франција го имаат вклучено филмот во своите долгорочни репертоари, што претставува редок и значаен опфат за регионален филм во францускиот дистрибутивен систем.

„Мајка“ оваа есен имаше силно присуство на меѓународната фестивалска сцена, меѓу другите во London FF, Ghent FF, Cannes Rencontres Cinématographiques, Arras FF, Geneva IFF, Mannheim Heidelberg, Seville FF, Haifa FF, Thessaloniki FF, Ljubljana FF, Tallinn Black Nights, како и на прекуокеанските фестивали во Рио де Жанеиро, Токио, Колката и Маракеш. Значајна е и селекцијата на Camerimage FF во Лоџ Полска, еден од најпрестижните фестивали за директори на фотографија.

Во декември филмот пристигнува и пред домашната публика. „Мајка“ ќе биде на редовниот репертоар во Кинотека на Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот