Македонија ќе добие анти-ковид вакцини во првите месеци на 2021 година

Министерот за здравство Венко Филипче на денешната седница на Владата поднесе Предлог-програма за изменување и дополнување на Програмата за задолжителна имунизација на населението во Република Северна Македонија за 2020 година.
– Со измена на Програмата за вакцинација, сме чекор поблиску до обезбедување на вакцините за ковид 19 преку Ковакс механизмот, нагласува министерот Филипче.
Програмата предвидува измени во делот за финансиски средства како една од обврските што се преземени со договорот со ГАВИ за влез во Ковакс механизмот. Средствата се веќе обезбедени со последниот ребаланс на буџетот. Преку Ковакс механизмот ќе се обезбедат 833.000 дози на вакцини за околу 400.000 граѓани за вакцина и ревакцинација.
Вакцините во земјава ќе стигнуваат согласно планот за дистрибуција што ќе го одреди Ковакс, а испораката ќе биде истовремено во сите 127 земји, како и земјите од регионот Црна Гора, Албанија, Косово, Босна и Херцеговина и дел од Србија. Првата испорака на вакцини се очекуваат во првите месеци од 2021 година.
– Покрај овој механизам, Министерството за здравство започна преговори за обезбедување на вакцини преку два други механизма. Првиот е преку директни преговори за директна набавка од компаниите „Фајзер“ и „АстраЗенека“ кои ги произведуваат вакцините, а од каде наскоро очекуваме да имаме и формална понуда. Третиот механизам е преку Европската Унија за што е, исто така, формално побарано од делегацијата во Скопје и очекуваме информација. Што се однесува до набавката во рамки на Европската Унија, таа нарачува 200 милиони вакцини за земјите членки и уште дополнителни 100 милиони дози за земјите од Европа надвор од Унијата, истакнува Филипче.
Ковид вакцината ќе биде бесплатна за сите граѓани и нема да е задолжителна. Со почетокот на вакцинацијата нема веднаш да се намали ризикот од ковид 19, ниту, пак, веднаш ќе се почувствува намалување на притисокот врз здравствените установи, но вакцинацијата и натаму доследното почитување на превентивни мерки можат значително да ја смената сликата на пандемијата.
Ковид-19 ќе продолжи да циркулира и следниот период, па мерките за превентива и заштита како носење на маска, држење на дистанца, негрупирање и хигиена на раце ќе бидат задолжителни и во периодот пред нас.
На приоритетната листа за вакцинација први ќе бидат здравствените работници кои работат со ковид, како и ризичните групи граѓани со зголемен ризик за ковид-19, за кои вакцината ќе биде високо препорачана, но не и задолжителна.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот