ФИФА поради Престијани и Винисиус воведе ново правило, ќе се воведе веќе на Мундијалот
Меѓународниот одбор на фудбалски асоцијации (ИФАБ) воведе ново правило според кое играчите ќе можат да бидат исклучени доколку за време на расправија со противникот ја покриваат устата.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Одлуката била едногласно донесена на состанокот во Ванкувер, а новината ќе стапи на сила веќе од претстојното Светско првенство кое започнува на 11 јуни.
Иницијативата доаѓа од ФИФА, по инцидентот во Лигата на шампиони кога фудбалерот на Реал Мадрид, Винисиус Жуниор, го обвини Џанлука Престијани од Бенфика дека, прикривајќи ја устата, упатил навредливи зборови со расистичка содржина. УЕФА неодамна го казни Престијани со шест натпревари суспензија, наведувајќи дека станува збор за вербален напад со хомофобен карактер.
Доколку се најде на списокот на Аргентина за Мундијалот, Престијани би можел да ги пропушти првите два натпревари, иако останува можноста за жалба на казната.
„Секој играч кој ќе ја покрива устата за време на конфликт со противник, по проценка на судиите, може да биде санкциониран со директен црвен картон“, соопштија од ИФАБ.
Воедно, од организацијата нагласуваат дека строга казна ќе следува и за фудбалери кои демонстративно ќе го напуштат теренот поради судиска одлука. Истата мерка ќе важи и за членовите на стручниот штаб доколку ги поттикнуваат играчите на таков потег.
Престијани суспендиран на шест натпревари поради дискриминаторско однесување


