ФАО: Храната поскапува, месото руши рекорди, а земјоделците стравуваат од нова криза
Покрај месото, зголемување на цените има и кај зејтинот и пченицата, а високите цени на ѓубривата може драстично да го поскапат овошјето и зеленчукот
Светот повторно се соочува со силен раст на цените на храната, а главниот виновник овојпат не се само климатските промени или нарушените синџири на снабдување, туку и продлабочената геополитичка криза на Блискиот Исток. Според најновиот извештај на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО), глобалните пазари на храна во април бележат трет последователен месечен раст, поттикнат од високите енергетски трошоци, растот на цените на нафтата и сериозните нарушувања предизвикани од кризата околу Ормускиот Теснец.
ФАО предупредува дека ситуацијата почнува да создава нов притисок врз светската економија и врз потрошувачите, бидејќи растот на цените не се ограничува само на еден сектор, туку ги погодува житарките, растителните масла, месото и транспортот на храна на глобално ниво. Индексот на светските цени на храната, кој ги следи движењата на меѓународните цени на најтргуваните прехранбени производи, во април достигнал 130,7 поени.
Препорачано
Тоа претставува раст од 1,6 проценти во однос на март и два проценти повеќе во споредба со истиот период минатата година. Економистите предупредуваат дека ова може да биде само почеток на нов бран поскапувања, особено ако продолжи нестабилноста во енергетскиот сектор и ако кризата на Блискиот Исток дополнително се продлабочи.
Најголемо внимание привлекува драматичниот раст на цените на растителните масла. Индексот на растителни масла на ФАО скокнал за 5,9 проценти во само еден месец и го достигнал највисокото ниво уште од јули 2022 година. Поскапувањето е предизвикано од растот на цените на палминото, сончогледовото, соиното масло и маслото од репка.
Причината за овој раст е тесно поврзана со енергетската криза. Високите цени на суровата нафта ја зголемуваат побарувачката за биогорива, а тоа автоматски создава дополнителен притисок врз пазарот на растителни масла. Во исто време, постојат и стравувања од намалено производство во делови од Југоисточна Азија, што дополнително ги турка цените нагоре.
Главниот економист на ФАО, Максимо Тореро, предупредува дека иако глобалниот агропрехранбен систем засега покажува одредена отпорност, последиците од кризата во Ормускиот Теснец стануваат сè поочигледни.
-И покрај нарушувањата поврзани со кризата во Ормускиот Теснец, глобалните агропрехранбени системи продолжуваат да покажуваат отпорност. Сепак, растот на цените на енергенсите и биогоривата создава дополнителен притисок врз пазарите на растителни масла и врз производствените трошоци- посочи Тореро.
Паралелно со растот на цените на маслата, поскапуваат и житарките. Цената на пченицата пораснала за 0,8 проценти, а зад тоа стојат неколку фактори, сушите во делови од Соединетите Американски Држави, очекуваните слаби врнежи во Австралија, но и стравувањата дека земјоделците ќе ги намалат површините за пченица во 2026 година поради високите цени на ѓубривата.
Вештачките ѓубрива со најголем скок
Токму ѓубривата се една од најголемите грижи на глобалниот аграр. Затворањето и нестабилноста во Ормускиот Теснец го нарушуваат снабдувањето со уреа и фосфатни ѓубрива, а нивните цени нагло растат. Земјоделците во повеќе држави веќе предупредуваат дека високите трошоци може да ги принудат да преминат на култури што бараат помалку ѓубриво, што би можело да влијае врз идното глобално производство на храна. Раст бележи и цената на пченката, која е под притисок од временските услови во Бразил и сушата во делови од САД. Дополнителен фактор е зголемената побарувачка за етанол, бидејќи високите цени на нафтата ги прават биогоривата попривлечни.
Значителен раст има и кај оризот.
Ќе се проверува цената на вештачките ѓубрива за да не скокнат цените на овошјето и зеленчукот
Индексот на цените на оризот пораснал за 1,9 проценти, главно поради растот на транспортните и производствените трошоци. Поскапувањето на нафтата директно влијае врз логистиката и извозот, што особено ги погодува азиските производители. Во меѓувреме, светските цени на месото достигнаа ново рекордно ниво. Индексот на месо на ФАО пораснал за 1,2 проценти во април и е дури 6,4 проценти повисок во споредба со минатата година. Најголем раст бележи говедското месо. Во Бразил, кој е еден од најголемите светски извозници, цените растат поради ограничената понуда на добиток подготвен за колење. Производителите се обидуваат повторно да ги обноват стадата, што привремено ја намалува понудата на пазарот.
Свинското месо исто така поскапува, особено во Европската Унија, каде што сезонската побарувачка се зголемува пред летниот период. Сепак, растот е делумно ублажен од пониските цени во Бразил, каде што има доволно понуда. Економските аналитичари предупредуваат дека новото поскапување на храната може директно да се почувствува и во Европа и на Балканот во наредните месеци, особено кај производите што зависат од увоз, транспорт и енергија. Поради тоа, многу влади веќе внимателно ги следат движењата на светските берзи, стравувајќи дека новата енергетска и прехранбена криза би можела дополнително да ја разгори инфлацијата и да го намали животниот стандард на граѓаните.


