Европол предупредува: Криминални групи ги „оружаат“ децата – ги регрутираат преку видеоигри
Иако најчести цели се психолошки ранливи деца или оние што веќе се жртви на врсничко насилство, Де Бол предупредува дека ризикот се проширува и на деца што „само сакаат скапи патики“, покажувајќи како материјалната привлечност може да стане средство за регрутирање
Криминалните мрежи низ Европа на нов и шокантно брутален начин ги злоупотребуваат децата, претворајќи ги во извршители на насилни злосторства, од тортура до убиство, предупреди директорката на Европол, Катрин де Бол, во интервју за „Политико“. Таа истакна дека станува збор за најголемата актуелна криминална закана за Европската Унија, бидејќи овие мрежи „уништуваат семејства и го уриваат општеството“ преку целни напади и регрутирање малолетници.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Според Де Бол, криминалците масовно влегуваат во контакт со деца преку популарни видео игри и паметни телефони. Интеракцијата започнува со безопасни разговори за домашни миленици или семејството, но брзо преминува во затворени приватни комуникации. Таму, децата се манипулираат, изнудуваат и се принудуваат да откријат лични информации како адреса или детали за нивната околина.
Откако ќе ги стават под контрола, криминалните групи ги користат малолетниците како извршители на насилство: принудени се да напаѓаат, да мачат, да се самоповредуваат или дури да убиваат. Европол веќе регистрирал 105 случаи на малолетници инволвирани во насилни дела „како услуга“, меѓу кои и 10 платени убиства.
Како најшокантен пример, Де Бол го наведе случајот на момче што ја убило својата помала сестра по директна наредба од криминалци – нешто што, како што рече, „никогаш досега не било забележано“.
Во некои ситуации, доколку детето одбие да изврши убиство, криминалците убиваат негово милениче или се закануваат на неговото семејство. За ангажман во злосторства, на децата им се нудат пари, понекогаш до 20.000 долари по убиство – иако во многу случаи криминалните банди воопшто не ја исплаќаат договорената сума.
Иако најчести цели се психолошки ранливи деца или оние што веќе се жртви на врсничко насилство, Де Бол предупредува дека ризикот се проширува и на деца што „само сакаат скапи патики“, покажувајќи како материјалната привлечност може да стане средство за регрутирање.
Де Бол истакна и дека малолетниците сè почесто се вклучуваат во хибридни операции од непријателски држави, односно стануваат несвесни шпиони, пренесувајќи информации за владини институции и чувствителни локации. Бандите ги користат само додека им се потребни: „кога полицијата ќе открие вмешано дете, криминалците веднаш го напуштаат и преминуваат на следната цел“.
Родителите, според неа, често не знаат што се случува онлајн.
„Не можете да го надгледувате секој чекор на вашето дете на интернет. Затоа мора отворено да се зборува за опасностите“, рече таа.
Европол бара воведување законски механизми за пристап до шифрирана комуникација со судска наредба, со цел да се спречи онлајн регрутирањето и експлоатацијата на малолетниците.
„Ако судијата дозволи пристап до податоците, тогаш платформите мора да бидат законски обврзани да ја овозможат декрипцијата. Во спротивно, ќе бидеме слепи“, предупреди Де Бол.
Таа, исто така, ги посочи и другите растечки закани: вештачката интелигенција која го забрзува ширењето на сајбер криминалот, новите методи на шверц со дрога, вклучувајќи „нарко-подморници“ што превезуваат кокаин од Јужна Америка, како и хибридните операции на Русија, кои дополнително го дестабилизираат европското безбедносно опкружување.


