
Еве кое време од денот е идеално за да застанете на вагата
Ако планирате или веќе сте во процес на слабеење, мора да ве интересира кога вагата ги покажува најточните резултати од вашиот напредок. Мерењето помага да се следи губењето килограми, но изборот на вистинското време за мерење може да помогне попрецизно да го следите напредокот, како и да ве мотивира.
Препорачано
Најдобро време за мерење
Повеќето здравствени експерти се согласуваат дека најдобро време за мерење е наутро. Застанете на вагата веднаш по утринската хигиена, пред да јадете или пиете нешто.
Според Клиниката во Кливленд, утрото е идеално бидејќи нашето тело во текот на ноќта ја вари целата храна и пијалок консумирани претходниот ден. Ако се измерите пред спиење, веројатно вагата ќе покаже поголема бројка поради внесот на течности или сол во текот на денот, пишува „Јаху лајф“ (Yahoo Life).
Колку често треба да се мериме?
Не се препорачува мерење неколку пати во текот на денот. Студијата во International Journal of Behavioral Nutrition and Physical Activity покажа дека мерењето еднаш дневно е поврзано со поголемо усвојување на навики за управување со тежината и подобро губење на тежината. Меѓутоа, ако секојдневното мерење ве прави нервозни, правете го тоа еднаш неделно.
Најдобро е секогаш да се мерите во ист ден, а експертите го препорачуваат петок како идеален избор бидејќи во текот на неделата почесто го следиме режимот. Повеќе се опуштаме за време на викендите и си дозволуваме храна која не би ја јаделе во текот на неделата, што може да влијае на резултатите од мерењето во понеделник.
Како правилно да се измерите?
Измерете се наутро по користење на бањата, на рамна и тврда површина како што се плочки. Отстранете ја дополнителната облека за попрецизни резултати и распределете ја тежината рамномерно на двете нозе.
Бројката на вагата не е единствениот показател за напредок. Мерењето на половината, колковите и рацете може подобро да ги прикаже промените во телото, а доколку вагата предизвикува негативни мисли, фокусирајте се на менталното здравје. Бројката на вагата никогаш нема целосно да го одрази напорот што го вложувате за да станете поздрава личност.