Еурофарм Пелистер ја испушти победата на гостувањето кај Спортинг

Еурофарм Пелистер одигра нерешено во Португалија/ фото: Е. Пелистер

Ракометарите на Еурофарм Пелистер одиграа само 27:27 на гостувањето кај Спортинг Лисабон во петтото коло од Лигата на Европа, иако победата ја имаа во своите раце.

Битолчани во последната минута влегоа со предност од еден гол и напад, но грешката ги чинеше победа, и искачување на првото место на табелата во групата Д.
По пет кола, Е. Пелистер е трет на табелата со шест бода, додека Спортинг и Ним се на челната позиција со еден бод повеќе.

Домашниот тим го постигна првиот гол на натпреварот преку Антонио Суарез, но Еурофарм Пелистер со двата гола на Табоада и на Божиќ Павлетиќ поведе со 1:3. Во деветтата минута со голот на Периќ, битолчаните поведоа со три гола разлика (2:5).
Во наредниот период се играше гол за гол, за на средината од првиот дел, Спортинг со серија од 3:1 дојде до изрманување на 9:9.

Одговорот на Е. Пелистер беше два гола преку Бојан Маџовски и предноста од два гола успеа да ја задржи до крајот на полувремето. Во првиот дел одличен беше голманот Мартон Секељи со шест одбрани додека во нападот, Табоада и Граџан дадоа по три гола.

Стартот на второто полувреме беше слично на првото, домашниот тим го постигна првиот гол, но резултатот го контролираа битолчани. Во 33. минута по голот на Божиќ Павлетиќ, Е. Пелистер повторно дојде до три гола предност (16:19), а во 40. минута по голот на Божиќ Павлетиќ за прв пат поведе со четири гола (19:23). Битолчани имаа неколку шанси да дојдат и до пет гола предност, но промашениот пенал на Периќ и на одбранетиот шут на Граџан, Спортинг во 47. минута намали на 22:24. Мандалиниќ ја прекина серијата на домашниот тим и го носи Е. Пелистер на 22:25.

Ракометарите на Спортинг не се предаваа, и во 52 минута дојдоа на само еден гол негатива 24:25 по головите на Шенгарт и на Тавареш.
Жељко Бабиќ повика тајм-аут за да запре налетот на домашниот тим, но долгиот напад заврши со удар во стативата на Табоада.

На спротивната страна Фонтес постигна гол за израмнување на 25:25 и максимална неизвесност во последните пет минути од натпреварот.

Мандалиниќ го враќа Е. Пелистер во водство (25:26) во 56. минута, Спортинг во следниот напад направи пробивање, а Мандалиниќ со вториот гол по ред им носи предност од два гола на битолчани.
Спортинг од пенал намали на 26:27 откако прекршок за исклучување направи Табоада.
Во 58. минута, ударот на Мандалиниќ го одбрани Скок, но Спортинг направи пробивање. Во последната минута битолчани влегоа со предност од еден гол и топка, но грешката во напад ја искористи Шенгарт кој го погоди празниот гол на Е. Пелистер и  го израмни резултатот. Во последната секунда шутираше Периќ но неговиот удар заврши над голот.

Реиниер Табоада со седум постигнати голови беше најпрецизен кај Е. Пелистер, Стипе Мандалиниќ даде пет гола, Јосип Божиќ Павлетиќ четири, додека на голот Мартон Секељи имаше осум одбрани. Кај домашниот тим, Шенгарт и Карлос Руесга постигна постигнаа по шест гола.
Во наредното коло кое ќе се игра за седум дена, Е. Пелистер во Битола го пречекува вечерашниот противник.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот