ЕУ го поздрави договорот меѓу Македонија и Бугарија: Важен чекор напред во соработката меѓу двете земји
Европската Унија го поздрави договорот меѓу Македонија и Бугарија за изградбата на тунелот за железницата на Деве Баир како чекор за градење доверба меѓу двете земји чии односи се прилично напрегнати.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, за свеченоста во Ѓуешево реагираше на Икс:
„Го поздравувам потпишувањето на договорот за прекуграничниот тунел на Коридорот 8 меѓу Бугарија и Северна Македонија – голем чекор напред во соработката меѓу двете земји и промоција на добрососедските односи. Освен што развива билатерални врски, новата железница ќе го поттикне регионалниот просперитет и ќе ја зајакне нашата заедничка безбедност“, стои во објавата на Кошта.
Еврокомесарката Марта Кос го оцени договорот меѓу двете земји како важен чекор за градење доверба преку регионална поврзаност.
„Бугарија и Северна Македонија се согласија да ја продолжат работата на Коридорот 8. Клучен проект што ги поврзува Јадранското Море со Црното Море преку пат и железница. Ова е важен чекор за градење доверба преку регионална поврзаност, заеднички просперитет и комуникацијата меѓу луѓето“, напиша таа.
Bulgaria & North Macedonia agreed to advance work on Corridor VIII.
A key project connecting the Adriatic Sea with the Black Sea via road & rail.
This is an important step to build trust through regional connectivity, shared prosperity & people to people contacts.
— Marta Kos (@MartaKosEU) November 6, 2025
Договорот за изградба на тунелот го потпишаа вчера министрите за транспорт на двете земји, Александар Николоски и Гроздан Караџов. Потпишувањето на овој договор беше голема промена на ставот на Николоски и други претставници на владата, кои пред една година тврдеа дека парите за оваа пруга нема да ја градат и парите ќе ги пренасочат за изградбата на железницата кон Солун. Кога НАТО ја стави пругата кон Софија како важен сегмент за тактичката и воена поврзаност, македонската влада го смени наративот. Присуството на американската амбасадорка Анџела Агелер на церемонијата во Ѓуешево најдобро зборува за американскиот интерес, поддршка, па и притисок за целиот проект.


